Денеска ќе се одвива еколошка акција за чистење на просторот околу аквадуктот, на кој се планира да се продолжи со третата фаза од реставраторските и конзерваторските работи. – За да опстане овој историски објект, потребни се грижливи, разумни и свесни умови и раце како вашите, бидејќи, оставен на надлежните, тој пропаѓа. Дојдете, да покажеме како се работи и да го ослободиме аквадуктот од „непотребните украси“ – стои во најавата за акцијата

 

За денеска во 17:30 часот, граѓански организации најавија акција за чистење на скопскиот аквадукт. Неодамна и весникот ВЕЧЕР пишуваше дека просторот околу аквадуктот на кој се вршат реставраторски и конзерваторски работи, е загаден со отпад, кој таму го фрлаат несовесни граѓани. Еколошката акција за чистење, во чест на Денот на планетата Земја, на социјалните мрежи ја најавија Културниот центар „Лабораториум“ и организацијата „За почиста Македонија“.

– За да опстане овој историски објект, потребни се грижливи, разумни и свесни умови и раце како вашите, бидејќи, оставен на надлежните, тој пропаѓа. Дојдете, да покажеме како се работи и да го ослободиме аквадуктот од „непотребните украси“ – стои во најавата за акцијата.

А, на скопскиот аквадукт продолжуваат реставраторските и конзерваторските работи. Од Конзерваторскиот центар – Скопје информираат дека е планирано да се продолжи со третата фаза од реализацијата на проектот по спроведување на јавната набавка, согласно со предвидените интервенции, без конкретно да се наведе што се предвидува во оваа фаза. Инаку, во годишната програма за работа и финансирање на Конзерваторскиот центар за годинава е наведено дека е предвидена реализација на основниот проект за конзерваторско-реставраторски работи на аквадуктот во Скопје, и тоа трета фаза.

Со реализацијата на основниот проект за конзерваторско-реставраторски работи на аквадуктот во Скопје се започна во август 2021 година. Првата и втората фаза се однесуваат на преземање мерки за статичка стабилизација на делот на инклинираните столбови на објектот и консолидација на почвата под темелите на истите, со цел да се обезбеди идна стабилност и егзистенција на објектот. Во првата фаза, оваа интервенција е извршена на шест инклинирани столба, а во втората фаза се продолжи со преземање мерки за статичка стабилизација на уште четири од инклинираните столбови. Во првата фаза се изведе и дренажен канал, покрај објектот, со должина од 160 метри.

– На изработката на основниот проект и неговата непосредна заштита им претходеа долгогодишни мултидисциплинарни истражувања, кои се започнати уште во 2004 година и траеја сè до 2019 година. Во овие истражувања, покрај стручните тимови од државава, беа вклучени и меѓународни експерти. На овој начин е овозможено комплетирање и објективно синтетизирање на резултатите и препораките, а со цел преземање конкретни мерки за непосредна заштита – објаснија од Конзерваторскиот центар – Скопје. 

За тоа колку вкупно ќе чини реализацијата на проектот, од Конзерваторскиот центар – Скопје велат дека имајќи предвид тоа што објектот бил дел од повеќегодишни мултидисциплинарни активности, тешко е да се даде збир на финансиите, кои се обезбедувани за реализација на истите.

– Со оглед на обемот и видот на предвидените интервенции за непосредна заштита на аквадуктот и фактот дека е неопходно истите фазно да се одвиваат, во моментот е тешко да се даде вкупната сума на чинење за целосна реализација на проектот – нагласија од Конзерваторскиот центар – Скопје, додавајќи дека за реализацијата на основниот проект, средствата се обезбедуваат од Министерството за култура. 

Што се однесува до тоа дали има планови за уредување на околината на аквадуктот, со оглед на тоа што постојано се реагира, бидејќи постојано има ѓубре во негова близина, од Конзерваторскиот центар – Скопје велат дека согласно со одлуката на Владата, со споменикот управува Град Скопје, кој донесува план за управување со споменикот, согласно со Законот за заштита на културното наследство.

– Планот за управување со недвижното културно добро – аквадукт во Скопје ќе обезбеди висок степен на заштита на исклучителната вредност на заштитеното добро. Тој ќе претставува основа за донесување развојни одлуки од сите засегнати страни, со што се обезбедува рамнотежа меѓу заштитата на доброто и неговото искористување. Успешното управување со културното наследство мора да биде сеопфатно и да обезбеди одржлив развој на територијата од доброто. Планот ќе даде јасни насоки за обезбедување самоодржливост на културното добро – одговорија од Конзерваторскиот центар – Скопје.

Оттаму најавија дека со цел донесување на планот за управување, веќе се започнати подготвителни активности во координација на Градот Скопје и надлежните за културното наследство: НУ Конзерваторски центар – Скопје и Управата за заштита на културното наследство. Аквадуктот, културно наследство од VI век, на 20 април 2021 беше прогласен за споменик од особено значење и со тоа доби највисок степен на заштита.

 (А.П.)