“Тој што се коцка, пак ќе се коцка„, затварањето на обложувалниците нема да го реши проблемот

277

Додека Албанија во новата 2019 година стави клуч на врата на 4.300 обложувалници и казина, во Македонија власта се уште размислува какви мерки да преземе. Премиерот Зоран Заев се согласува дека ситуацијата со коцкањето во државата е алармантна, меѓутоа смета дека со радикални мерки нема да се реши проблемот, бидејќи како што рече „тој што се коцка, пак ќе се коцка„

Во Албанија од први јануари 2019 година согласно законот со кој се забранува работење на обложувалници и казина беа затворени околу 4 300 обложувалници. Министерката за внатрешни работи изјави дека секое казино или обложувалници кои ќе работат илегално, ќе бидат третирани како парцела со канабис.
Овој закон во Албанија наиде на одобрување кај повеќето граѓани во државата и стана пример за решавање на овој проблем во другите држави од регионот. Во Македонија ситуацијата е слична граѓаните бараат затворање на казината и обложувалниците, а власта вели дека се уште е рано за такви ригорозни мерки и оти потребна е посеопфатна дебатата за измена на Закон за игри на среќа.
Измените во Закон за игри на среќа предвидуваат казината и обложувалниците да се наоѓаат минимум 300 метри подалеку од училиштата, а оние кои веќе се наоѓаат на помала оддалеченост ќе мора да се затворат. Исто така со законот се предвидува ниту еден автомат, клуб или спортска обложувалница да не се наоѓа во непосредна близина на основни и средни училишта. Во образложението на новото законско решение е наведено дека во постојниот закон не постои никакво ограничување каде и колку може да се отворат обложувалници и казина.
Од Асоцијацијата на спортски обложувалници, реагираат дека предлозите се престроги и сериозно ќе наштетат на нивниот бизнис. Според нив предложеното решение за оддалеченост од училиштата е неприфатливо бидејќи со закон веќе е дефинирано дека лица помлади од 18 години не може да учествуваат во игри на среќа.
И премиерот Зоран Заев се согласува дека ситуацијата со коцкањето во државата е алармантна, меѓутоа смета дека со радикални мерки нема да се реши проблемот, бидејќи како што рече “тој што се коцка, пак ќе се коцка#.
– Она што го гледаме како искуство и од Албанија и од другите држави покажува дека и со ваквите радикални мерки тие што се коцкаат не престанале да се коцкаат. Во обложувалниците и казината низ Македонија работат од 5.000 до 6.000 граѓани, но дебатата е сериозна и отворена од граѓаните бидејќи се работи за нивните деца, изјави премиерот Заев.
Според него, пред да се донесе законското решение треба да се слушне мислењето на граѓаните и нивните конечни ставови во врска со Законот за игри на среќа.
– Меѓутоа што со оние квартови во Скопје, Тетово, Струмица, Куманово, Битола каде има колективни згради и живеат најмногу млади брачни парови, има најмногу деца, казината се оддалечени од училиштата, но под зградата е отворено казино. Дали тоа го решава проблемот? Така што ќе ги видиме сите ефекти и мерки и ќе носиме одлука, секако ќе има некаков вид на одлуки вака не може да остане, вели Заев и додава дека одлуката во врска со затварањето на обложувалниците и казината ќе ја донесат после сите овие дебати, стручни анализи.
Во Македонија во просек секој полнолетен жител годишно троши меѓу 200 и 250 евра за уплата на тикети и коцкање на апарати. Оваа сума секоја година се зголемува. Измените на Законот за игри на среќа треба да го реши проблемот, односно да се стави регулација на еден брзорастечки сектор во насока на општествена одговорност и заштита на младата популација. Со измените во законот, меѓу другото се предвидува одземање на лиценцата за работа на приредувачот на игри на среќа доколку во некоја од обложувалниците инспекцијата затече малолетно лице.
Во Албанија со законот кој стапи на сила од 1 јануари 2019 година казината кои до неодамна беа распространети насекаде се достапни само во хотелите со 5 ѕвезди кои се наоѓаат надвор од урбаните подрачја. По одлуката Албанија да ги затвори обложувалниците во некои од регионалните медиуми проструија информациите дека тие сега ќе се преселат во Македонија и во Косово, каде овој бизнис е законски. Меѓутоа засега овие информации остануваат само шпекулации. (А.С.)