РОДИТЕЛИТЕ „СКОКНАЛЕ“ ВРЗ УБИЕЦОТ, МАЈКА СЕ ОНЕСВЕСТИ: Прекинато рочиштето за убиецот од Младеновац

4049

Во Вишиот суд во Смедерево требаше да започне прелиминарно рочиште пред судењето на Урош.Б. кој на 4 мај минатата година уби девет лица и рани 12 во селата Дубона и Мало Орашје. Обвинетиот по инцидентот бил изнесен од судницата, јавува репортерот на Еуроњуз Србија. Родителите на убиениот „скокнале“ врз него штом влегол во просторијата.

„Настана хаос. Сите се нафрлија на него кога тој влезе во просторијата. Влезе со наведната глава. Каде е сега таа храброст. Ги застрела моите деца. Син ми со десет куршуми,  ќерка ми со осум. И сега му се суди. За што му се суди? Ќе правиме хаос. За него само доживотен затвор“, изјави за новинарите насобрани пред судницата, мајката на убиените брат и сестра Милан и Кристина Паниќ.

Екипата за итна помош влезе во судницата и извади една жена. Новинарката на Еуроњуз Србија јави дека се работи за мајка на еден од убиените која онесвестила. Според новите информации, покрај неа се онесвестило уште едно лице.

Небојша Перовиќ, еден од адвокатите на оштетените, за новинарите изјави дека прелиминарното рочиште ќе продолжи во зградата на Специјалниот суд во Белград, но не може да прецизира кога.

„Се случи очекуваното, едноставно е незамисливо семејствата на жртвите мирно да набљудуваат при првата средба со човекот кој им ги уби децата. Прелиминарното рочиште денеска не се одржа, беше одложено поради немање можности и нема да продолжи во зградата на Вишиот суд во Смедерево. Оваа постапка ќе продолжи во зградата на Вишиот суд во Белград во Устаничка поради физичко-техничките услови и можноста за одвивање на судењето“, рече Перовиќ.

Подготвителните рочишта се затворени за јавноста со закон.

Дури по завршувањето на прелиминарното рочиште, судот треба да го одреди датумот за официјалниот почеток на судењето.

Покрај родителитр на убиенитр во селата Мало Орашје и Дубона, во судот беа и Миљана Мартиновиќ и Миланка Негиќ, мајките на убиените девојчиња во основното училиште „Владислав Рибникар“.

Некои од родителите носеа фотографии од убиените. Пред зградата на судот имаше полицајци.

Денешното рочиште е закажано повеќе од една година по масовното убиство. Обвинението беше поднесено на 18 октомври минатата година, а беше потврдено во март годинава. Првообвинетиот се товари за тешко убиство, недозволено поседување оружје, киднапирање и неовластено користење на туѓо возило, додека неговиот татко се товари и за недозволено поседување оружје и тешко кривично дело против општата безбедност.

Инаку, на вујкото и братот на првообвинетиот, кои исто така се опфатени во обвинението, бидејќи се сомничат дека неовластено поседуваат оружје дома, ќе им се суди во Крагуевац, бидејќи делата за кои се товарат се извршени на таа територија.
Сите четворица се во притвор од нивното апсење, а извршителот на убиствата во моментот на изврување на делото бил помлад од 21 година, што значи дека според законот не може да добие повеќе од 20 години затвор.

Споменикот „Паднати борци“ во Мали Орашје е првото место каде е извршено злосторство. Таму од истрели од автоматска пушка загинаа Никола Милиќ (15), Александар Миловановиќ (17), Марко Митровиќ (18), Лазар Миловановиќ (19), Немања Стевановиќ (21) и Петар Митровиќ (25).

Откако го извршил крвавиот пир во првото село, пријавениот се упатил кон Дубона, каде најпрвин пукал во неколку лица кои ја поправале оградата и во таа прилика погодил и тешко ранил неколку лица, а потоа пристигнал во дворот на ОУ „Момчило Живојиновиќ“ каде повторно пукал во правец на луѓето кои се дружеле таму.

Во Дубона се убиени Милан Паниќ (22) и неговата сестра Кристина Паниќ (19) и Далибор Тодоровиќ (25). Уште четири лица се тешко ранети.