Промивиран превоз со електричен автобус во Штип

48

Во Општина Штип денеска беше промовиран бесплатен јавен превоз со електричен автобус, при што граѓаните можеа да се возат на две релации и тоа од Трговскиот центар до населба Чардаклија и од Трговскиот центар до населбата Баби, согласно утврдените временски термини во возните редови. Според градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, целта на активноста е да се промовираат здравите навики и заштитата на животната средина.

-Имавме бесплатно пробно возење со електричен автобус, којшто во текот на целиот ден ќе транзитира низ улиците во Штип. Иницијативата за да се случи овој превоз ја имавме ние како Општина заедно со АутоМакедонија, имајќи предвид дека сме во постапка за воведување општински превоз во Штип, додаде  Јорданов.

-Се работи за 100 проценти електричен автобус којшто го провозивме низ градот и соодветен е со габаритот на инфраструктурата на градот и лесно успеавме да се движиме низ штипските улици. АутоМакедонија оваа година прослави 75 години од своето постоење и како една од своите стратешки определби ја декларира електричната мобилност и го помага нејзиниот развој во сите сегменти на автомобилската индустрија, истакна Елена Тодорова од АутоМакедонија Скопје.

Во изминатиот период, Општината имаше два неуспешни повика, на кои не се пријави ниту еден превозник за организација на јавен превоз. Од таа причина, Општината одлучи да додаде дејност на ЈП „Стипион“ со цел да може да купи или изнајми автобуси со кои ќе го реализира барањето на граѓаните за општински линиски превоз. Јавниот превоз треба да им биде во служба особено на приградските населби.

-Во наредниот период, на седница на Совет ќе додадеме дополнителна дејност на ЈП „Стипион“ за да се организира овој јавен превоз со наша логистичка и финансиска поддршка. Ќе се набават или изнајмат автобуси коишто ќе бидат користени за организирање и одвивање на јавниот градски превоз, од којшто има потреба, заради ценовните покачувања на енергенсите, на нафтата. Граѓаните веќе неколкупати бараат конечно да се воспостави, додаде Јорданов.

По неуспешноста на првиот обид, Општината ја зголеми висината на субвенциите за превозниците, но и тоа не вроди со плод. За новото решение ЈП „Стипион“ да огранизира превоз, како и за начинот и условите на функционирање ќе се одлучува на седница на штипскиот Совет