Најдобриот дуќан за органска храна во Европа се наоѓа во Белгија

39

Европската Комисија го награди најдобрата малопродажба за органски производи, станува збор за белгиски дуќан кој постои од крајот на седумдесеттите години, јави дописничката на МИА од Брисел.

Најдобрата органска малопродажба го носи името “Фармата со дрвото“ и е отворена 1978 година близу градот Лиеж во Белгија. Продавницата ја доби престижната европска награда за органско производство оваа година.

Хенри Пак е сопственикот на овој дуќан кој веќе 44 години произведува локално и одржливо. Тој за медиумите вели дека кога го отворил неговиот бизнис далечната 1978 година, на него гледале како ексцентричен хипик.

Фармата на Хенри денеска достига 44 хектари, со над 4000 производи со органски сертификат. Околу стотина локални производители ја снабдуваат продавницата, а 80 отсто од месото што се продава доаѓа од самата фарма на Хенри Пак.

Наградата на Европската Комисија, ко-организатор на овој настан за органско производство, има за цел да им оддаде признание на европските малопродажби кои се фокусирани на циркуларно и одржливо производство и да го охрабри.

Фармата користи зелена енергија, избегнува максимално да ги пакува производите и има ниска стапка на штетни емисии бидејќи транспортот е краток и локален.