По неодамнешните сквернавења на Куранот: Данска донесе закон со кој се забранува сквернавење на верски книги

110

Данскиот парламент денеска усвои закон со кој се забранува сквернавење на какви било верски книги, соопшти Министерството за правда.

Неодамнешните демонстрации во Шведска и Данска, во кои антиисламските активисти ја запалија и на друг начин ја сквернавеа исламската света книга, Куранот, доведоа до влошување на односите на двете земји со земјите од Блискиот Исток.

Новиот закон, усвоен со 94 гласа „за“ и 77 „против“, го прогласува за кривично дело „несоодветно постапување, јавно или со намера за објавување, со списи или предмети од големо верско значење за верска заедница“.

Прекршителите се соочуваат со парична казна или до две години затвор.

Во соопштението се наведува дека целта на законот е да се спротивстави на систематското омаловажување кое доведе до влошување на општата безбедносна состојба и зголемување на заканата од тероризам.

„Мораме да ја заштитиме безбедноста на Данска и на Данците. Затоа е важно сега да добиеме подобра заштита од систематското сквернавење на верските книги“, рече министерот за правда Питер Хумелгард.