По Сингапур, во Виетнам: Се сретнаа Ким и Трамп

56

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и американскиоит претседател Доналд Трамп се сретнаа во средата во Ханој, по втор пат по состанокот во Сингапур во јуни минатата година, изразувајќи надеж дека состанокот ќе биде успешен, пренесоа агенциите.

Ким и Трамп се ракуваа и се насмевнаа стоејќи пред знамињата на нивните држави во луксузниот хотел Метропол во Ханој.

Лидерот на САД пред новинарите рече дека верува оти разговорите ќе бидат многу успешни, но нагласи дека нема намера да попушти во врска со денуклеаризацијата. На прашањето дали ќе прогласи формален крај на Корејската војна, Трамп одговори: “Ќе видиме”.

Трамп напиша на Твитер дека Северна Кореја ќе напредува како Виетнам доколку се денуклеаризира.

– Виетнам се развива како ретко која земја во светот. И со Северна Кореја ќе биде исто, многу брзо, доколку се денуклеаризира, истакна Трамп пред средбата. Тој додаде дека „потенцијалот е одличен и тоа е голема шанса, како ниту една друга во историјата, за мојот пријател Ким Џонг-ун“.