Надворешниот долг на Словенија надминува 108 отсто од БДП

25

Бруто надворешниот долг на Словенија на крајот на декември 2021 година изнесуваше 50,8 милијарди евра, што е 108,3 отсто од бруто домашниот производ по тековни цени, додека бруто надворешните побарувања изнесуваат 51,2 милијарди евра, покажуваат податоците на централната банка.

Според агенцијата СТА, бруто надворешниот долг, како дел од вкупниот долг на земјата по задолжување од странски кредитори, лани се зголемил за 3,0 милијарди евра во однос на истиот месец во 2020 година.

Зголемувањето е главно резултат на зголеменото задолжување на централната банка, претпријатија поврзани со субјекти во странство и нефинансиските корпорации.

Надворешниот долг на Владата е намален за две милијарди евра, се додава во информацијата.

Нешто помалку од половина од надворешниот долг бил долг на општата влада, а нешто повеќе од една петтина (21,5 отсто) бил долгот на комерцијалните банки и централната банка, се наведува во извештајот на Банката на Словенија.

Надворешните побарувања од 51,2 милијарди евра се зголемени за 3,2 милијарди евра во однос на крајот на 2020 година.

Суфицитот на тековната сметка на Словенија во 2021 година изнесуваше 1,7 милијарди евра, што е нешто помалку од половина од суфицитот во претходната година, пренесува Танјуг.

Суфицитот во трговската размена со светот е намален за 1,9 милијарди евра, додека во трговијата со услуги е зголемен за 388 милиони евра, пренесува словенечката агенција.