Седумдесетина пензионери примаат 1.000 евра, а со повисоки плати во државава се само програмерите

907

Со јануарското редовно зголемување на пензиите за околу три проценти, највисоката пензија во државата се приближи до илјада евра. Од платите, повисока е само онаа на компјутерските програмери.

Максималната пензија што се исплатува преку државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување во јануари изнесувала 59.674 денари и ја примиле 69 лица. На крајот од минатата година, таа изнесувала нешто под 58.000 денари и ја примиле 63 пензионери. Пензиите во групата максимални, во зависност кога се остварени, се движат од околу 42 илјади до близу 60.000 и ги добиваат вкупно 1.340 лица.

Од друга страна, најниската пензија со последното зголемување изнесува 10.276 денари, а пензиите во групата минимални сега се движат до малку над 13.000 денари. Најниските пензии легнуваат на сметките на 65.777 пензионери.

Просечната пензија во јануари била 16.297 денари, но примањата на речиси секој трети пензионер биле над 18.000 денари. Бројот на пензионери со пензии до најмногу 11.500 денари е намален во однос на лани, но сè уште е многу висок. До оваа сума, пензии примаат 27,28 отсто од пензионерите. Пензија од 11.500 до 14.000 денари примаат 20,43 проценти, а од 14.000 до 18.000 денари нешто над 21 отсто од пензионерите.

Најавеното големо зголемување на пензиите за кое подолго време зборуваат претставниците на Владата, го чекаат 326.841 пензионери, колку што се евидентирани со јануарската статистика на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Бројот на пензионери во првиот месец од годинава е намален за околу 2.000 во однос на крајот од 2021 г., кога имало 328.570 корисници на пензија. Во јануари годинава, во Фондот биле пријавени 1.400 нови пензионери, но, истовремено, починале 1.739 корисници на пензија.

Пензионерите со нетрпение очекуваат да видат кога и за колку ќе им скокнат пензиите. Премиерот и неговите министри не пропуштаат ден да нè потсетат дека доаѓа голем раст на пензиите, но конкретен податок за тајмингот и за сумата, она што најмногу ги интересира пензионерите, сè уште нема. Последен се огласи вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој рече дека ќе се посегне по промена на моделот за раст на пензиите, зашто сегашниот не обезбедува нивно достоинствено зголемување.

– Може решение само низ конструктивен дијалог. Кај минималната плата, осигуруваме дека и во наредните години ќе расте и, исто така, ќе има раст кај пензиите. Во делот за кој разговараме е моделот со кој пензискиот Фонд ќе се одржи стабилен и одржлив за да може и наредните пензионери да добиваат пензии од него. Не сум научен да играм со проценти и со решение во кои не гледам доследна анализа. Предвидливоста ќе ја имаат до 2026 г. Сакаме решенија со кои ќе им овозможиме достоинствен живот. Сметам дека пензискиот Фонд осигурува доволно стабилен приход за да се обезбеди пораст на пензиите – нагласи Битиќи и додаде дека за ова расправал Економскиот совет на Владата.

Претходно, премиерот Димитар Ковачевски најави и дека пензионерите ќе добијат финансиска помош за полесно да ја поминат економската и енергетската криза. ВМРО-ДПМНЕ, пак, подготви законски измени со кои пензиите би се покачиле за 20 проценти, но Ковачевски рече дека тоа е неприфатливо бидејќи не се базира на анализи.

(С.В.)