Македонија исправена пред историски избори

. Кампањата за претседателските избори, која почна на 4 април, и онаа за парламентарните избори, која почна на 18 април, завршува на полноќ. Утре е изборен молк, а двојните избори во земјава на кои ќе се гласа за шеф на државата и нов Парламент се одржуваат задутре, среда, 8 мај. Утре, ден пред изборите гласаат иселениците, болните, изнемоштените и затворениците. Изборите во Македонија се оценуваат како историски и се одржуваат по конфронтациите меѓу власта и опозицијата за уставните измени кои Бугарија ги бара за државата да може да продолжи со отворањето на поглавјата со ЕУ.

193

Македонија утре нема да осамне со пораките и рекламите на кандидатите за претседател и на партиите со оглед на тоа што долгата кампања за претседателските избори, која почна на 4 април, и за парламентарните избори, која почна на 18 април, завршува на полноќ.

Задутре, среда, 8 мај, во Македонија се одржуваат двојни избори -претседателски и парламентарни, на кои право на глас имаат 1.814.317 избирачи за шеф на државата и 1.815.350 избирачи за нов парламент, а ќе може да се гласа во периодот од 7 до 19 часот.

Еден ден пред изборите, утре, избирачките места ќе бидат отворени на повеќе локации во странство каде што своето право на глас ќе го оствари дијаспората, додека во Македонија гласаат болните, изнемоштените и затворениците.

Болните и изнемоштените гласаат во домашни услови, додека затворениците го искористуваат своето право на глас во казнено-поправните домови.

Во странство, пак, од вкупно 31 конзуларно претставништво се пријавени 2.569 гласачи од Македонија, за разлика од првиот круг на претседателските избори кога гласаа помалку од половина или 1.017 и тоа значеше излезност од 39,6 проценти.

Сите граѓани на 8 мај ќе избираат претседател на државата и 120 пратеници во македонското Собрание.

Во вториот круг од седмите претседателските избори во Македонија се пласираа кандидатката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова и актуелниот претседател на Македонија, Стево Пендаровски, кој е кандидатот на СДСМ.

Силјановска Давкова во првиот круг на 24 април освои двојно повеќе гласови од својот главен противкандидат, од кој беше поразена во вториот круг од претходните претседателски избори во 2019.

Излезноста во првиот круг беше околу 49 проценти што е за осум проценти повеќе отколку пред пет години. На изборите излегоа над 810.000 гласачи на вкупно 3.480 гласачки места.

На актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој беше избран во 2019 година, мандатот му престанува на 12 мај годинава. За да бидат успешни изборите, излезноста во вториот круг треба да биде над 40 проценти од вкупниот број на избирачи.

Со оглед на тоа што вториот круг од претседателските избори се одржува заедно со парламентарните избори, а мандатот на актуелниот претседател Стево Пендаровски му истекува на 12 мај,  мандатот за состав на новата влада ќе треба да го довери победникот на претседателските избори,  а  тоа значи дека тоа ќе се случи ако излезноста на изборите биде над 40 проценти од запишаните избирачи.

Аналитичарите оценуваа дека поддршката од останатите пет кандидати, кои не влегоа во вториот круг, може да биде од големо значење за излезноста во вториот круг. Во таа петорка меѓу другите беа министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој го поддржа ДУИ, и кој освои 13 проценти од гласовите, додека Арбен Таравари од опозициската коалиција на Албанците освои над 9 проценти од гласовите. И Османи и Таравари не се изјаснија кого ќе подржат во вториот круг. ДУИ понуди поддршка во вториот круг под услов идниот претседател да го бира Парламентот, но и Силјановска и Пендаровски ја отфрлија таа идеја.

На вториот круг од претседателските избори во Македонија ќе се одржи и гласање за парламентот.

Граѓаните ќе избираат 120 пратеници според пропорционалниот модел. Се гласа во шест изборни единици, на колку што е поделена државата според Изборниот законик, и од секоја се избираат по 20 пратеници.

За нов состав на Парламентот ќе учествуваат 17 партии и коалиции – Коалиција за Европска иднина предводена од СДСМ, Коалиција „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Коалиција „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, Коалиција „Европски фронт“, предводена од ДУИ, партијата Левица, Коалиција „Вреди“ на албанските опозициски партии, Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Единствена Македонија, Нова алтернатива, Аваја, Европско граѓанско движење, Македонска ера трета – Македонски независни листи,Твоја партија, Родина Македонија, Десна, Демократи и Работничка партија.

Најголемите Партии и коалициите како и кандидатите за претседател во долгата кампања најмногу зборуваа за евроатланските интеграции како и за уставните измени.

Изборите се оценуваат и како историски за државата и се одржуваат по двегодишната конфронтација меѓу власта и опозицијата околу тоа како да се реши проблемот со Бугарија која го блокира патот на земјава кон ЕУ.

Односите се затегнаа со Бугарија поради спорови околу јазикот и историјата, а  Софија одби да го поддржи отворањето на пристапните преговори меѓу официјално Скопје и ЕУ додека Македонија не го признае малото бугарско малцинство во Уставот.

СДСМ се подготвени да се внесат Бугарите во Уставот, но за тоа им недостасуваат гласови во парламентот, а ВМРО-ДПМНЕ вели дека не прифаќа измени на Уставот под бугарски диктат како и дека до уставни промени може да дојде откако Македонија ќе влезе во ЕУ.

Инаку кампањата за двојните избори која за претседателските избори почна на 4 април, а за парламентарните избори на 18 април, во почетокот се водеше на мирна основа, но во последните денови, ја нарушија многу меѓусебните обвинувања и навреди кои си ги упатуваа кандидатите за претседател и партиите кои стојат зад нив. Дел од реториката во кампањата за парламентарните избори стана и војната од 2001 година.

Денеска на последниот ден од кампањата ќе се одржи и последниот ТВ-дуел на двајцата претседателски кандидати Гордана Сиљановска Давкова и Стево Пендаровски и последните митинзи на 17 партии и коалиции кои учествуваат во трката за место во Парламентот.

Инаку, изминатите денови финишираа и сите активности на надлежните институции околу организирањето на изборите

Карактеристично за двојните избори – парламентарните и вториот круг од претседателските што треба да се одржат на 8 мај е дека – граѓаните ќе можат само еднаш да дојдат на гласачкото место и да го остварат своето право на глас. Ова е изборното правило што ќе важи на изборниот ден в среда.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, во интервју за МИА детално ја објасни постапката за гласање на двојните избори. Тој потенцира дека на граѓаните треба да им се објасни дека имаат право да гласаат за двата вида избори, но и право да одлучат дали ќе гласаат само за парламентарните или само за претседателските избори.

Ова, вели Дашевски, мора добро да се објасни бидејќи за претседателските избори има цензус, односно за да биде изберен претседател во вториот круг излезеноста треба да биде 40 отсто од вкупниот број запишани гласачи во единствениот избирачки список.

-Граѓанинот ќе може да дојде само еднаш и да гласа и за двата избори и кога ќе дојде постапката е следна: прво ја дава личната карта да се види дека е тој, потоа оди на биометриска идентификација, потоа го бараат во списокот да го заокружат и му даваат ливчиња. И после оди да гласа“, изјави Даштевски деновиве.

Во однос на цензусот за претседателските избори и дали би можело да се случи тој да не се постигне во вториот круг, Даштевски очекува дека цензусот ќе се постигне.

Веднаш по затворањето на избирачките места треба да почне утврдувањето на изборните резултати, а ДИК според најавите на Даштевски првите прелиминарни резултати ќе ги соопшти  околу полноќ.

Ова се седми претседателски избори од независноста на Македонија и единаесетти парламентарни избори.

(М.С.)