И зелените пазари и продавачите на сладолед ќе работат во недела

Во недела, сепак, ќе работат и зелените пазари и покрај тоа што претходно беше најавено дека во недела ќе може да работат само закупците на тезги, но не и организаторите на пазарите. Освен пазарите, во недела ќе работат и специјализираните продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи, апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, продавници за весници и цигари, продавниците на бензинските станици, киосците и штандовите во трговските центри кои ќе работат само во една смена од 10 до 18 часот. Работодавачите сметаат дека недела неработен ден може да доведе до намалување на работните места и барање на начини да се надополни изгубеното работно време и прометот 

90

Од 1 октомври за 92 отсто од работниците во државата недела ќе биде неработен ден. Предвидени се исклучоци за оние дејности кои не можат да го прекинат работниот процес. Работниците во овие дејности кои ќе работат и во недела ќе добијат дневница која ќе биде од 50 до 100 отсто повисока од редовната дневница и слободен ден што ќе го користат во наредните седум дена. Имплементацијата на законот ќе биде следена од Државниот инспекторат за труд. Работодавачите кои ќе работат во недела ќе мора тоа да го пријават во ДИТ како надлежен орган за примената на законот.

И зелените пазари ќе работат во недела и покрај тоа што претходно беше најавено дека во недела ќе може да работат само закупците на тезги, но не и организаторите на пазарите. Оваа нелогичност по укажувањето на стопанските комори е исправена и со измените на Законот за трговија е предвидено во недела да работат и пазарите.

Освен зелените пазари, во недела ќе работат и специјализираните продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи, апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, продавници за весници и цигари во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност. Ќе можат да работат и продавниците на бензинските станици, киосците и штандовите во трговските центри кои ќе работат само во една смена од 10 до 18 часот, штандовите и киосците каде се продаваат добра за време на спортски настани, фестивали, манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографските дела. Ќе работат и продавници во трговијата на мало за храна, пијалаци и тутун во кои трговијата ја врши лично само сопственикот на продавницата.

Министерот за економија Крешник Бектеши нагласи дека со предлогот е предвидено додатокот на плата за работа во недела и празници да изнесува најмалку 100 проценти за секој час на работа во недела и празници. За трговските субјекти кои ќе работат во недела и на празници е утврден надоместок во висина од два отсто од вкупниот приход остварен претходната година во недела и за празници.

Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија, за ВЕЧЕР коментира дека овој закон ќе има финансиски импликации врз Буџетот, бидејќи има дејности од јавниот сектор кои мора да работат во недела.

-Овој пат државата не можеше да го изземе јавниот сектор од овој закон, како што тоа го направи со К-15, односно ја избегна обврската за исплата на регрес за годишен одмор. Од друга страна, пак, и приходите на државата кои доаѓаат од даночните обврзници ќе имаат намалување поради недела неработен ден, вели Бошков.

Тој смета дека во овој момент и во состојба на развој на економијата ние не би требало да си дозволиме ваков закон со оглед на тоа дека е предвидено работниците кои ќе работат во недела да користат друг ден од неделата за одмор.

-Во текстилната, преработувачката и другите индустриски гранки многу работници ќе работат со зголемено работно време во останатите денови од неделата. Работодавачите ќе прават разни варијанти со цел да се надополни изгубеното работно време и прометот, а ние нема да можеме да ги контролираме и да ги убедиме да не го прават тоа, објаснува Бошков и додава дека може да доведе до намалување на работните места во државата.

Законското решение недела да биде неработен ден е добар компромис, кој е постигнат преку дијалог на социјалните партнери синдикатите, државата и работодавачите, оцени досегашниот претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.

– Во старт тоа не беше исплатливо за нас, но врз основа на дискусиите и со синдикатите и со Владата ова беше постигнатиот компромис. Мој личен, но и став на ОРМ е дека тоа е добар компромис. На оној што инвестирал 20-30 милиони евра во нов мол да му се забрани да работи во недела не е во ред, ама во ред е тој што ќе работи во недела да добие двојна дневница и на државата да и плати надомест за развој на инфраструктура, детски градинки… Ова е компромис кој во моментов на развој на државата е добар. Може кога ќе имаме стандард девет-десет илјади долари по жител и тие нема да работат во недела. Но, во овој момент Македонија не смее да си дозволи македонски граѓани да одат во Бугарија или Србија и да трошат девизи, а наиште молови да бидат затворени, рече Димитров.

Имплементацијата на законот ќе биде контролирана од страна на Државниот инспекторат за труд, а работодавачите кои ќе го прекршат законот, ќе им се забрани работа од 15 дена и ќе им се издаде прекршочен платен налог. Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа не смее да го намали бројот на работници.

(А.С.)