Зимската служба подготвена за зимска идила

150

Од денеска во функција е ставена Зимската служба на Град Скопје. ЈП „Улици и патишта“ на располагање ги става целокупната механизација и кадровскиот потенцијал со цел претстојнава зима непречено и безбедно да се одвива сообраќајот на градските сообраќајници во зимски услови.

– Коловозните ленти ќе се расчистуваат според приоритети, како што се критичните точки, пристапите до објектите од витално значење за граѓаните и сообраќајниците од посебно значење за функционирање на сообраќајот. Другите јавни претпријатија се задолжени да обезбедат механизација и опрема, а имаат изготвено и посебни потпрограми за расчистување на јавни површини во зимски услови – соопштија градските власти.

Кризниот штаб апелира до граѓаните, урбаните заедници, куќните совети и претпријатијата, благовремено да преземаат мерки за отстранување на возилата од коловозите, за расчистување на пешачките приоди, приодите до објектите и покривите на објектите. Во спротивно, полицијата и комуналните инспектори, врз основа на Законот за јавна чистота ќе изрекуваат казни.

Ги предупредуваат и возачите да ја почитуваат законската регулатива за задолжително користење зимски пневматици заклучно со 15 март 2022 година кога завршува зимската сезона.