Едукациски програми за наставниците по физичко образование и поддршка на спортистите

134

Македонскиот олимписки комитет (МОК) и Општина Ѓорче Петров ќе соработуваат во делот на едукацијата на наставниците по физичко образование, унапредувањето на можностите на спортските работници во општината, како и издигање на спортот на едно повисоко ниво, коешто ќе продуцира нови спортски подвизи и резултати.

Ова било договорено на денешната средба на градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски со претседателот на МОК, Даниел Димевски и генералниот секретар, Сашо Поповски.

Стојкоски истакна дека бил одржан и работен состанок со сите наставници по физичко образование на територијата на општина Ѓорче Петров на кој било разговарано за аномалиите и недостатоците во развојот на спортот, како и во формирањето на нови млади спортски величини, кои треба да се репрезент на општината и државата.

-Реализиравме и обука на којашто присуствуваа наставниците и имаа можност преку разни искуства на МОК да дознаат повеќе околу тестирањето и скринингот на телесната конфигурација на спортистите, се со цел истите да бидат здрави во тренажните процеси и да бидат здрави млади луѓе кои ќе можат да го даваат својот максимум во спортот во кој се натпреваруваат – нагласи Стојкоски, додавајќи дека Општина Ѓорче Петров ќе иницира интензивна соработка на ова поле, се со цел младите перспективни спортисти од оваа општина да ги имаат сите услови за работа, односно да бидат под мониторинг на едуцирани и професионални кадри, коишто секојдневно ќе бидат посветени на развојот и напредокот на спортистите.