Бела куќа: Палестинската државност треба да се постигне со преговори, а не со еднострано признавање

209

Американскиот претседател Џозеф Бајден смета дека палестинската државност треба да се постигне со преговори, а не со еднострано признавање, соопшти денеска Белата куќа, откако Ирска, Шпанија и Норвешка најавија дека овој месец ќе ја признаат државата Палестина.

„Претседателот силно го поддржува решението за две држави и го поддржуваше во текот на неговата кариера“, рече портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа.

Тој рече дека Бајден смета дека „палестинската држава треба да се постигне преку директни преговори меѓу страните, а не преку еднострано признавање“, објави Ројтерс.

Норвешка, Шпанија и Ирска најавија претходно денеска дека ќе ја признаат палестинската држава на 28 мај.

За разлика од нив, францускиот министер за надворешни работи, Стефан Сежурне, изјави дека сѐ уште не се исполнети условите за официјално признавање на Палестина како држава.