Американската пливачка Лија Томас го загуби случајот пред Судот за спортска арбитража против Меѓународната организација за водни спортови (World Aquatics, порано позната како ФИНА).

Организацијата претходно им забрануваше на трансродовите лица да се натпреваруваат со жени доколку поминат низ каков било период на пубертет како маж.

Томас (25), кој стана првиот трансродов спортист што освоил национална колеџ титула во САД, во март 2022 година, ја обжали одлуката, велејќи дека тоа е дискриминација. Таа смета дека одлуката треба да биде прогласена за неважечка и незаконска, бидејќи е спротивна на Олимписката повелба и на Статутот на Светската организација за водни спортови.

Меѓународната организација за водни спортови ја поздрави одлуката на Судот, нарекувајќи ја голем чекор напред во заштитата на женскиот спорт. Со одлуката на Судот, згаснаа сите надежи дека Лија Томас ќе може да учествува на претстојните Олимписки игри во Париз.

Судот прво требаше да утврди дали Томас има право да ја оспори одлуката.

Во пресудата на 24 страници се наведува дека Томас, како некој што повеќе не е член на американскиот пливачки тим, „едноставно, немал право да се натпреварува на трки под покровителство на Меѓународната организација за водни спортови“. Додадоа и дека не е некој за кој важат правилата и затоа нема право да ги оспорува.

Меѓународната организација за водни спортови ги воведе новите правила откако Томас ја победи сребрената олимписка медалистка во Токио, Ема Вајант, за 1,75 секунди. Така Томас го освои златото на 400 метри слободно за жени во 2022 година.

Во научниот труд што ја придружуваше одлуката на Меѓународната организација за водни спортови беше забележано дека пливачите како Томас имаат значајни физички предности – во издржливоста, силата, брзината и големината на белите дробови – од минување низ машкиот пубертет, дури и откако земале лекови за да го намалат нивото на тестостерон.

Меѓународната организација нагласи дека прави сè спортот да биде поинклузивен и дека вовела „отворена“ категорија за трансродовите пливачи.