Безгрижните купувачи ги затекна катаклизма: Стравична снимка од рускиот напад во хипермаркет во Харков/ВИДЕО

223
Printsreen/X

Расте бројот на загинати во рускиот напад на супермаркет во вториот по големина украински град Харков во истоимениот регион, каде руските сили на почетокот на овој месец започнаа сега делумно ограничена офанзива во која постигнаа значителен напредок.

Засега црниот биланс застана на 16 жртви, меѓу кои и 12-годишно девојче.

„За жал, веќе има 16 загинати. Податоците се ажурираат“, изјавил Олег Сињехубов, шеф на воената управа на регионот Харков, а пренесува „Украинска правда“.

Од полицијата известија дека резултатите од ДНК анализата ќе бидат клучни за идентификацијата на осумтемина граѓани. Како што јавува Би-би-си, повеќе од 43 лица се повредени, а руските сили го нападнале тој северен град со застрашувачки слајд-бомби, како што соопштија официјални лица.

По експлозијата, голем пожар избувнал во супермаркетот „Епицентар К“ на северната периферија на градот, каде се продавала покуќнина.

На видеото од внатрешноста на хипермаркетот од надзорната камера, кое на мрежата „Х“ го објави Антон Герашченко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи, може да се видат продавачите и клиентите во нивните вообичаени активности се случува ненадејна катаклизма и видеото е прекинато.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во моментот на нападот во супермаркетот имало можеби 200 луѓе.

„Само лудак може да го направи тоа“

„Овој напад на Харков е уште една манифестација на руското лудило… Само лудаците како Путин се способни да убиваат и тероризираат луѓе на овој начин“, рече Зеленски.

Најмалку осум лица беа повредени во друг напад во центарот на Харков подоцна во саботата.

Силите на Кремљ ја користат можноста да ја зголемат својата предност додека Украина чека новото западно оружје да пристигне на бојното поле, откако Претставничкиот дом на САД одобри пакет помош од 50 милијарди долари по неколкумесечни застој.

Слајд-бомбите употребени во нападот на супермаркетот се оружје на кое украинските сили засега немаат одговор. Станува збор за „неми“ бомби со тежина до 150 килограми без погон од советската ера, од кои Русите, според некои извештаи, имаат стотици илјади во своите магацини. Тие се надградени со крила за да се прошири опсегот и сателитска навигација за насочување и се исфрлени од авионот. Тоа е евтино и застрашувачки смртоносно оружје.

Украинскиот претседател рече дека само во март околу 3.000 вакви бомби биле фрлени на украинска територија и тие биле клучни за уништување на украинските сили на теренот за време на битката за Авдеевка.

Овие напади уште еднаш го актуелизираа еден од најголемите проблеми на Украина кога станува збор за одбраната од Русија, а тоа е недостатокот на соодветно противвоздушно оружје и ракети. Зеленски по којзнае кој пат повтори дека Украина мора да се брани и дека и се потребни системи за воздушна одбрана на западните сојузници.

Ужасниот напад на супермаркетот уследи по самитот во Италија, каде министрите за финансии на Г7 ја поддржаа идејата за искористување на профитот од замрзнатите руски средства за финансирање на воените напори на Украина.

Американскиот министер за финансии Џенет Јелен, рече дека идејата наишла на широка поддршка. Според американскиот предлог, Г7 и нејзините сојузници ќе користат замрзнати руски средства во западните банки како колатерал за заем од 50 милијарди долари за Киев. Расправата за предлогот ќе продолжи во текот на јуни.

Русија, сепак, се закани со одмазда доколку се спроведе.