Штип се подготвува за манифестацијата „Пастрамлијада“

269

Штип викендов ќе го слави својот гурмански специјалитет пастрамајлија. Отворањето е во петок во 19 часот. На граѓаните од градот, источниот регион, но и целата држава на манифестацијата „Штипска Пастрамлијада“ ќе им се понуди богата уметничка програма со добра музика и вкусна храна. Програмата предвидува музика за сите, а главни гости се Јелена Розга и Тони Цетински, но и локални „диџеи“ за помладите.

Александар Арсовски од Општина Штип истакна дека традиционално и оваа година ќе се реализираат активностите „Џиновска пастрмалија“ и натпреварот во брзо јадење пастрмалија.

– Настанот ќе го отвори градоначалникот како покровител и организатор на оваа манифестација. Ќе следува промоција на џиновската пастрмалија, а потоа почнува уметничкиот дел со гостите, рече Арсовски, одговорно лице за манифестацијата.

 

Општината како организатор вели дека речиси сѐ е подготвено за „Штипска Пастрамлијада“, која на добропознатата локација кај крстосницата Дујле се враќа по двегодишна пандемиска пауза. Очекуваат голем број гости, а интерес има и од страна на угостителите.

– Општината ги привршува подготовките околу овогодишнешната манифестација „Пастрaмлијада“, сите подготовки течат непречено без никакви проблеми. Се очекува масовна посетеност. Ги повикуваме сите љубители на добра забава и вкусна пастрмалија да повелат заедно да уживаме во овој настан. Има интерес и од угостителите, тоа е доволен репер дека посетеноста треба да биде солидна, додава Арсовски.

Центар на добра музика и храна, Штип ќе биде по 14. пат. Последното 13. издание на манифестацијата „Пастрaмлијада“ се одржа во 2019 година. За оваа година, Општината и угостителите утврдија цена од 190 денари за специјалитетот пастрмалија, а ќе се контролира и квалитетот на пастрамалјиите кои ќе се продаваат на штандовите.