EPA-EFE/RHONA WISE

Изминативе недели постојано се тресе НБА-лигата поради бројните скандали. Овој пат, тренерот што го предводеше Бостон селтикс до финалето на НБА во првата сезона на клупата, Име Удока, би можел да биде суспендиран цела наредна сезона поради „непримерни односи“ со жена вработена во клубот.

Како што пренесува новинарот на „Атлетик“, Шамс Чаранија, Удока е обвинет за „непримерен, интимен однос со жена – член на персоналот на клубот“. Иако се нагласува дека врската била заемна, тој го прекршил клупскиот кодекс на однесување, поради што ќе биде суспендиран.

Адријан Војнаровски од „ЕСПН“, пак, тврди дека во дискусиите на клубот за должината на суспензијата се споменува дури и цела сезона, но дека работата на Удока не е во опасност. Казната ќе се решава исклучиво во рамките на клубот, а НБА не се меша во оваа ситуација. Засега не е соопштено дали ќе биде казнета и вработената, која се согласила да има врска со тренерот.

Удока има 45 години, а минатата сезона му беше прва како главен тренер во НБА, откако помина седум години како еден од помошниците на Грег Попович во Сан Антонио и по една во Филаделфија и Бруклин. Како играч, тој помина седум сезони во НБА и одигра 316 натпревари со просек од 5,2 поени, од кои повеќе од половина беа за Сан Антонио.

Во првата негова сезона на клупата, Бостон започна несигурно, на половина од сезоната сè уште имаше позитивен сооднос, но во вториот дел се претвори во најдобриот тим во лигата, стигна до финалето на НБА и дури поведе со 2:1 против Голден стејт. Сепак, на крајот останаа без шампионскиот прстен по трите триумфи во низа на „воините“.