Цевките за парно под мостот „Беласица“ ја попречуваат проценката на штетата

1487

Цевките за парно што поминуваат под мостот „Беласица“ ја попречуваат проценката на штетата што ја врши екипата на Институтот за сеизмички отпорни градби и климатски промени (ИСОГК), предводена од директорот, проф. д-р Михаил Гаревски. Тие беа определени од Град Скопје да направат експертиза на штетите на мостот што настанаа во големиот пожар пред 17 дена, поради горење на изолацијата со кои се обвиткани цевките за парно.

Гаревски и неговиот стручен тим утврдиле дека средишниот дел на конструкцијата на мостот мора да се обнови, бидејќи има видливи штети, но од каков обем се оштетувањата внатре во конструкцијата, поточно на сајлите за пренапрегање, е потребна детална анализа за да се утврди дали е нарушена стабилноста на мостот.  

Инаку, цевките за парно, кои беа подложени на висока топлина, во делот на пожарот се целосно деформирани, како и челичните шини за платформата преку која се стигнува до средината на мостот, па стручниот тим на Гаревски бара начин како да се стигне до најоштетениот дел.

Според градежниот инженер во пензија Вукан Њагуљ, кој е проектант на мостот „Беласица“, кој деновиве направи визуелен увид на оштетувањата на мостот, оштетувањата треба да се третираат многу сериозно и дека се потребни детални испитувања и пресметки.

– Мора да се направи многу детално испитување. Не само визуелно туку да се отвори конструкцијата, да се испита, да се земат примероци и да се испитаат лабораториски. Трагите и оштетувањата од високата температура од пожарот не беа видливи на фотографиите онолку колку што навистина се – вели Њагуљ.

(С.Бл.)