Родителите згрозени од одлуката – размислуваат за бојкот и за протести   

4394

Министерката за труд и социјална  политика Јованка Тренчевска повторно ја врати на работа разрешената директорка на градинката „Детска радост“. Тоа предизвика револт кај родителите чии деца престојуваат во оваа градинка. Тие во писмен допис до медиумите велат дека се згрозени од ваквата одлука на Тренчевска. Родителите сериозно размислуваат за повик за бојкотирање, односно да не ги носат своите деца во градинката, но и да ги однесат пред зградата на Министерството за труд и социјална политика. Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, истакна дека со оваа одлука Тренчевска се става во директна заштита на незаконското работење, кое е утврдено со ревизорски извештај

Министерката за труд и социјална  политика Јованка Тренчевска повторно ја врати на работа разрешената директорка на градинката „Детска радост“. Тоа предизвика револт кај родителите чии деца престојуваат во оваа градинка. Тие во писмен допис до медиумите велат дека се згрозени од ваквата одлука на Тренчевска и за синоќа свикаа состанок за следните чекори што ќе ги преземат.

Притоа, родителите сериозно размислуваат за повик за бојкотирање, односно да не ги носат своите деца во градинката, но и да ги однесат пред зградата на Министерството за труд и социјална политика со цел Тренчевска да се грижи за нив. Воедно, размислуваат и за организирање протести со цел заштита на сигурноста на нивните деца, која, според нив, во овој момент е нарушена. 

Родителите бараат поддршка и разбирање од сите граѓани на Општина Гази Баба, од сите родители на децата, бидејќи, како што велат „знаат какво е чувството да не знаеш на кого го оставаш своето дете“.

И градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, на својата фејсбук- страница изрази загриженост за ваквата одлука. Тој најави дека за ова незаконско постапување на Тренчевска многу скоро ќе има ревизија, а потоа ќе следува и одговорност.

– Наместо Министерството да ја исполнува својата примарна дејност од областа на заштитата на децата преку изградбата на нови детски градинки во Трубарево, Инџиково, Сингелиќ и Ќерамидница како утврдени барања и потреби на граѓаните, оттаму, за жал, водат политички битки и ги кочат процесите во локалната самоуправа – заклучи градоначалникот на Општина Гази Баба.

Тој истакна дека со оваа одлука, Тренчевска се става во директна заштита на незаконското работење, кое е утврдено со ревизорски извештај направен од независна лиценцирана ревизорска куќа.

– Загрижен сум поради тоа што нашите деца од денеска ќе посетуваат градинка со која ќе управува директорка за која постојат докази за утврдени злоупотреби и законски прекршувања – истакна Стефковски.

Тој смета дека е скандалозна одлуката на Тренчевска да ја врати разрешената директорка без притоа Основното јавно обвинителство и Државната комисија за спречување корупција да се произнесат за наодите за прекршување на Законот.

– На министерката Јованка Тренчевска не ѝ значеше ништо тоа што Синдикатот на СОНК даде писмена поддршка на одлуката за разрешување на директорката, ниту, пак, двете отворени писма, едното потпишано од над 80 вработени во градинката и другото потпишано од над 100 родители на дечиња – нагласи Стефковски.

Тој уште еднаш повтори дека од првиот ден на својот мандат како градоначалник дал збор дека нема да прави компромис со незаконското работење и оти нема да отстапи од тоа.

 (А.П.)