„Капиталистичка авантура“ е наслов на новата изложба на ликовниот уметник Перо Кованцалиев, која содржи т.н. пештерски цртежи на кои доминира чадот. Делата ќе бидат изложени од вечерва во Домот на културата „Кочо Рацин“,  а изложбата е резултат на вклучениот аларм за аерозагадувањето и лошата состојба во повеќе градови низ Европа и светот, а особено кај нас.

“Чадот во делата го претставува зачаденото секојдневие кое го живееме, чад од согорената материја на потрошувачкото општество. Уметникот упатува критика кон декларативното и номинално залагање на институциите, политичките субјекти, поединци и индустриските капацитети, односно главните протагонисти од управниот одбор на системот… Низ овие дела сакам лириката да ја вратам во уметничкото дело, а одржувањето на физичката, општествена и природна средина да се врати во рацете на надлежните институции“, наведува авторот на изложбата која ќе може да се посети до 28 ноември.

Кованцалиев магистрирал на катедрата за вајарство на Факултетот за ликовни уметности и активно работи како самостоен уметник. Имал повеќе самостојни изложби и учествувал на голем број групни изложби во земјава и странство.

Во неговото творештво е присутна ангажираноста во повеќе сфери – политичка, социјална и еколошка и со ненаметлив сензибилитет и алузија за проблемот, како што наведува организаторот на изложбата, ги трансформира општествените дискурси во алтернативни визуелни облици.