Струмица ја одбележа 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев

47

Во Струмица денеска е одбележана 151-годишнина од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев. Пред неговиот споменик на истоимениот плоштад, се одржа пригодна свеченост на која за неговиот живот и дело зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов.

– Денес, кога одбележуваме 151 година од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев, треба да знаеме, во вистинска смисла на зборот, да го почитуваме и негуваме неговото име и дело. Но, со право треба да констатираме дека Гоце не се роди за да биде „монета за поткусурување“, ниту причина за повампирување на политички апетити и територијални претензии. Зарем оној кој го разбираше светот како поле за културен натпревар меѓу народите, заслужува да биде наметнат „камен на сопнување“ и омраза меѓу народите. Вистината за нашето минато и вистината за нашата сегашност, нека ни го трасираат патот кон нашата убава иднина. Гоце Делчев, бездруго и во таа иднина ќе го има своето заслужено место во меморијата на нацијата и државата македонска, рече Костадинов.

Ученици од основните општински училишта во Струмица ги изложија своите цртежи пред споменикот на тема „Учителот“, а министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска,претставници на политички партии, институции, здруженија и граѓани, положија цвеќе пред споменикот на Делчев.