Доколку не биде исполнет условот што ССМ го даде минатата недела, задутре ќе се почне со подготовки за штрајк, но претходно ќе биде испочитувана законската постапка од 10 дена за евентуално помирување. Доколку до тоа не дојде, на 11 ден ќе штрајкуваат на своите работни места и нема да ги извршуваат работните задачи. Тоа нема да го доведе во прашање водоснабдувањето во градот, но нема да интервенираат на дефекти поради пукнатите цевки, запушена канализација и нема да се читаат водомерите. Од ССМ ја повикуваат градоначалничката Арсовска, за да не се доведе во ситуација како со ЈСП, уште утре да ги викне за да се изнајде решение за проблемот и да престане мобингот од в.д. директорот
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) в четврток ќе ја започне постапката за генерален штрајк во ЈП „Водовод и канализација“. Условот што синдикатот го даде минатата недела за смена на в.д. директорот на претпријатието, Марјан Митовски поради тоа што незаконски им давал задолженија на вработените од ова претпријатие, со што вршел мобинг над нив, како и за потпишаните решенија за отказ на 94 работници, доколку не се исполни заклучно со овој ден, ќе се мобилизираат и ќе преземат се што им е законски дозволено за прогласување штрајк.
– В четврток ќе бидат повикани извршните одбори на Синдикатот за комунлани дејности, каде што ќе биде донесена одлука за штрајк. За тоа ќе биде известено Министерството за труд и социјална политика од кое ќе бараме, согласно Законот за мирно решавање на работни спорови, да ни определи помирувач (медијатор). За тоа ќе бидат известени во Град Скопје како основач на „Водовод и канализација“, градоначалничката Данела Арсовска, како и управниот одбор на претпријатието, со што ќе биде започната постапката за штрајк – објасни Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Тој нагласи дека ќе ја испочитуваат законската постапка од 10 дена за евентуално помирување, а потоа доколку не дојде до тоа, на единаесеттиот ден ќе стапат во генерален штрајк.
– Ќе штрајкуваме на своите работни места и нема да ги извршуваме работните задачи. Тоа нема да го доведе во прашање водоснабдувањето во градот, но нема да интервенираме на дефекти поради пукнатите цевки, запушена канализација, нема да ги читаме водомерите… – наведе Димовски.
Тој ја повика градоначалничката Арсовска, за да не се доведе во ситуација како со ЈСП, уште утре да ги викне за да се изнајде решение за проблемот и да престане мобингот од в.д. директорот.
– Ја повикувам градоначалничката, со оглед на двете испратени писма за средба, уште денеска да седнеме да ги ставиме аргументите на маса дадени од Држаниот управен и трудов инпекторат, како и одлуките за поништување на сите задолженија дадени од в.д. директорот – заклучи Димовски.
Од Сојузот на синдикати денеска и со соопштение ја повикаа градоначалничката Данела Арсовска да не шири паника, туку да помогне во борбата за остварување на правата на работниците и да ги спречи оние кои ги прекршуваат.
– Во спротивно ќе се потврдат фактите дека работничките права се кршат по нејзин диктат од нејзините шерифи, кои за потсетување оставија повеќе од илјада работници во ЈСП без плата, а сега сака да остави повеќе од илјада работници во јавното претпријатие „Водовод и канализација“ без работа доколку не се послушници на нејзиниот в.д директор“ – се вели во соопштението од Синдикатот.
Градоначалничката Арсовска вчера на вонредна прес-конференција кажа дека најавениот штрајк во „Водовод“ е политички инструиран од ВМРО-ДПМНЕ и дека партијата го претворила претпријатието во биро за вработување на партиски кадри. Таа побара Јавното обвинителство и другите државни органи да ги спречат заканите за секнување на водата во главниот град.
(А.П.)