ЈП за државни патишта продолжува со реализација на проектите на рехабилитација на неколку патни правци. Кон крајот на минатата година ЈПДП започна со реализација на подобрување на патната делница Ропотово-Лажани во должина од 4,7 километри. Работите за изведба на поправката и рехабилитацијата ги изведуваат „Илинден“ од Струга, заедно со „Жикол од Струмица“ и „Еуровиа“ од Желино.

– Градежните работи се во тек и до овој момент имаме 70 проценти реализација. Очекуваме кон крајот на летото мештаните од овие населени места да возат по рехабилитирана делница која ќе нуди побезбеден и посигурен сообраќај – потенцираат од ЈПДП.

Исто така, во тек е рехабилитација на државниот пат А2, делница  Скопје – Тетово (двата коловоза).

– На овој потег оштетувањата на коловозот беа видливи и влијаеја на безбедноста во сообраќајот – велат од ЈПДП.

Минатата година почнат е проект кој опфаќа рехабилитација на најоштетените делови на автопатските делници во државава и во рамките на тој проект се почна и со рехабилитација на автопатската делница Скопје-Куманово (десен коловоз) во должина од 11,3 километри и со ширина на коловозот од 4,2 метри.

– Изведувачот на градежните активности „Ескаватори“ веќе интензивно работат на десниот коловоз – велат од ЈПДП.