Надлежните од Центарот за вработување вчера ги повикаа невработените кумановци и работодавци да аплицираат за мерката практикантство и за мерката обука и вработување на лица за обезбедување услови грижа во дом и заедница.

Обука и вработување на лица за обезбедување услуги на грижа во домот и заедницата е наменета за здруженија на граѓани и приватни установи за вонсемејна социјална заштита на стари лица, кои можат да започнат или да ги прошират своите капацитети како даватели на социјални услуги – грижа и нега на стари и изнемоштени лица. Аплицирање за ова мерка трае до 3 мај.

– Ова мерка е мошне барана, сите сме свесни за моментот на стареење на населението, и сè повеќе ќе добива на значење во наредниот период. Доказ е Здружението „Прогрес“ од Општина Липково, каде што минатата година на обука беа 15 лица, од кои 10 се веќе вработени. Ги охрабрувам невработените да аплицираат за ова мерка поради бројните бенефиции кои ги добиваат – истакна Марија Димитријевска, раководителка на Центар за вработување Куманово.

За субвенционирање на платите за вработените негуватели и асистенти се обезбедува бруто-износ од 30.780 денари, за период од 10 месеци, со обврска да се задржат на работа најмалку 13 месеци.

Втората активна мерка е практиканство и таа е отворена до 10 мај. Можат да се пријават младите невработени лица до 29 години, со минимум завршено средно образование. Обуката е во времетраење од 3 месеци, а невработените лица за тоа време добиваат 11 илјади денари бруто надоместок.

На почетокот на месецот е објавен повикот и за мерката „Обука за познат работодавач“. Обуката на невработените лица ќе се спроведува во работните простории на работодавачите, а за времетраење на обуката на невработеното лице ќе му биде исплатен месечен паричен надомест од 11.000 денари, бруто износ. На работодавачот ќе му биде исплатен еднократен износ од 25 илјади денари по обучено лице по завршена обука. Работодавачот има обврска да вработи најмалку 50% од лицата вклучени во обуката со полно работно време во траење од најмалку 3 месеци.