Основниот граѓански суд Скопје донел решение со кое ќе се повтори постапката за Работничкиот дом кој со одлука на Врховниот суд треба да му биде одземан на Сојузот на синдикати на Македонија. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, очекува ова прашање да се реши најбрзо што може.

– До 1 мај очекуваме приоритет на постапката и нова пресуда која ќе значи враќање на предметот на повторно одлучување пред пониските судови, пред првостепениот и Апелациониот суд, или укинување на пресудата на Врховниот суд и на таков начин враќање на Работничкиот дом на работниците – рече Трендафилов.

Сојузот на синдикатите на Македонија сметаат дека тие имаат право на сопственост над зградата, бидејќи работниците го граделе со свои пари, а Врховниот суд во јануари 2024 година пресуди дека во тоа време синдикатот не можел да има сопствени пари за да стекне имот и дека сопственик треба да биде државата.

Од ССМ велат дека поседуваат документи за изградбата токму на оваа зграда, која повеќе од шест децении била на синдикатите. Трендафилов неодамна нагласи дека ССМ уште во 90-десеттите години од минатиот век, а и пред тоа е регистриран во Министерството за труд и социјална политика со решение врз основа на Законот за работни односи. Токму затоа, како што кажа, судиите при носењето на пресудата не смееле да применуваат закон од 1998 година кој се однесува за здруженија и фондации.

– Ако сме биле здружение или фондација немало да го склучиме Општиот колективен договор или договор за унапредување на работничките права лани во јули како партнери на Владата, ниту, пак, доколку сме биле владина институција – рече Трендафилов.

Трендафилов неодамна како срамна ја оцени пресудата што ја донесоа тројцата судии во Врховниот суд.

– Тројцата судии не заслужуваат да се нарекуваат судии. Очекувавме нивна оставка која не ја поднесоа и затоа поднесовме барање за утврдување на одговорност на овие тројца судии до Републичкиот судски совет кој е единствено надлежен за тоа. Очекуваме нивно разрешување затоа што нивната одлука не се поткрепува ниту на еден закон, ниту, пак, на Уставот, туку само на слободно судско убедување – рече тогаш Трендафилов.