Се бара одземање на лиценцата на ЕВН, а државата да го преземе преносот и дистрибуцијата на струјата

На социјалните мрежи деновиве можат да се прочитаат и низа негативни реакции кои се упатени на адреса на ЕВН. Дел од реакциите се дека ЕВН ги краде, дека сметките за струја се нереални и дека мрежарината им е многу повисока од потрошената електрична енергија. На ова реагираа и од Стопанската комората за енергетика од каде што обвинија дека ЕВН со овој трошок прави огромни профити и побараа од државата да си го врати преносот и дистрибуцијата на струјата во своја надлежност. Оттаму ги повикаа граѓаните и компаниите на протест за да се стави крај на хаосот со сметките за струја

1425

Не престануваат реакциите од граѓаните на социјалните мрежи откако деновиве ги добија новите детални сметки од ЕВН. На голем дел од граѓаните трошокот за пренос и дистрибуција во јулските сметки им беше повисок од потрошената електрична енергија, што според експертите е нелогично. Тие сметаат дека во никој случај трошокот за пренос не може да биде поголем од основниот продукт – струјата. Според нив, ваквиот начин на презентација на сметките ги збунува граѓаните и отвора простор за кражби од страна на енергетските компании.

На ова реагираа и од Стопанската комората за енергетика од каде што обвинија дека ЕВН со овој трошок прави огромни профити и побараа од државата да си го врати преносот и дистрибуцијата на струјата во своја надлежност.

-ЕВН си додава киловати или мегавати на нашите дигитални мерни броила. ЕВН знае дека не постои акредитирана компанија да ја контролира и затоа си прави што сака. Граѓаните и компаниите во Македонија молчат и плаќаат, се плашат да излезат на протест за да не го избркаат од работа, вели претседателот на Комората, Ѓорѓи Манасков.

Од Комората побараа веднаш да се блокира сметката на ЕВН, а парите кои компанијата ги зема од компаниите и граѓаните да ги врати назад во државна каса. Оттаму  повикуваат на протести за да се стави крај на хаосот со сметките за струја во кои, покрај граѓаните побараа да се вклучат и другите стопански гранки.

На социјалните мрежи деновиве можат да се прочитаат и низа негативни реакции кои се упатени на адреса на ЕВН. Дел од реакциите се дека ЕВН ги краде, дека сметките за струја се нереални и дека мрежарината им е многу повисока од потрошената електрична енергија.

-Пазете со новите сметки на ЕВН, исто како и со парното, лажни се и крадат струја. На нашиот струјомер е мерено едно денеска и забележано со фотографија, а испаѓа дека и по 7 дена јас таа струја што ми ја имаат наплатено до 26.8.2022 сè уште ја немам потрошено, пишува во една од објавите.

Во друг статус така ги обвинуваат ЕВН дека ги краде, бидејќи како што пишува не е можно за 18 метри квадратни во кој има еден компјутер, клима и две светилки да се плати сметка од 7.200 денари. Дел од граѓаните советуваат да се читаат постојано струјомерите и да и се испраќа состојбата на ЕВН на имејл.

Од ЕВН велат дека ова и порано се плаќало, но било вкалкулирано во цената на струјата. Објаснуваат дека разликата во сумите кај преносот се должи на потрошувачката во евтина и скапа тарифа.

ЕВН на својата веб страница објави објаснување од каде што произлегува вкупната сума на фактурата за електрична енергија.

-Со цел транспарентно да ве информираме од каде произлегува вкупната сума на фактурата за електрична енергија, на задниот дел ќе најдете детални информации за вашата потрошувачка, но и за начинот на кој се тарифираат потрошените киловат-часови во висока и ниска тарифа. Во фактурата за електрична енергија одделно се прикажани пресметки за потрошена електрична енергија и надомест за користење на преносниот и дистрибутивниот систем. Потрошената електрична енергија најпрво е поделена на потрошувачка во висока тарифа и потрошувачка во ниска тарифа. За потрошената енергија во ниска тарифа се применува една цена 0,6193 ден за kWh, независно од потрошувачката. Кај домаќинствата целото количество електрична енергија потрошена во висока тарифа се дели на блокови на потрошувачка, а за секој блок има различна цена. Потрошената енергија од секој блок се множи по соодветната цена што важи за тој блок и така се добива вкупниот надомест за потрошена енергија, стои во соопштението на веб-страницата на ЕВН.

Што се однесува до надоместокот за користење на преносниот и дистрибутивниот систем се добива како производ од потрошената енергија и тарифата за пренос и дистрибуција. Притоа појаснуваат дека помал износ за потрошена електрична енергија во однос на износот пренос и дистрибуција на електрична енергија може да се добие ако корисникот многу повеќе троши во ниска тарифа во однос на високата или пак во висока тарифа троши помалку во рамки на пониските блокови.

Од Стопанската комора за енергетика повикуваат на протести за да се стави крај на хаосот со сметките за струја во кои, покрај граѓаните ќе се вклучат и другите стопански гранки.

(А.С.)