Токму престижната издавачка куќа „Галимар“ од Франција деновиве ќе го објави француското издание на книгата „Мојот маж“ на македонската писателка Румена Бужаровска. Дел од програмата „Скопје фелоушип“ на „ПРО-ЗА Балкан“ ќе бидат и Пелин Јилмаз од издавачката група „Епсилон“ и Катја Кац од КУД „Содобност интернационал“

Орор Туја, уредничката на престижната француска издавачка куќа „Галимар“ и еминентниот српски писател и прв лауреат на „Прозарт“, Владислав Бајац, ќе гостуваат на јубилејниот 10. Интернационален фестивал за литература „ПРО-ЗА Балкан“ во Скопје (18-20 септември), во рамките на програмата „Скопје фелоушип“. И македонските автори и издавачки куќи ќе имаат можност да се запознаат и да воспостават соработка со нив. Токму во издание на „Галимар“, најважната издавачка куќа за квалитетна литература во Европа, деновиве ќе излезе и француското издание на книгата „Мојот маж“ на македонската писателка Румена Бужаровска.

Инаку, Орор Туја е задолжена за преводите од германски, холандски, од јазиците од Источна и од Централна Европа, а од минатата година ја координира и програмата на изданието „Du Monde Entier“ во „Галимар“, меѓународно издание кое во 2021 година наполни 90 години.

Таа е рецензент и преведувач на изданијата на Кристијан Бургоа, а преведувала и филмски сценарија и романи од англиски, германски и од шпански јазик. Од 2011 до 2016 година работела како уредничка на изданието „Bibliothèque de la Pléiade“ во „Галимар“, по што се вработила во Одделот за странска литература во таа куќа.

– Во програмата „Скопје фелоушип“ вообичаено учествуваат врвни издавачи и литературни агенти од целиот свет, со цел македонската литература да се доближи до светот. Наш ценет гостин ќе биде и писателот Владимир Бајац, кој е првиот лауреат на „Прозарт“ на фестивалот. Тој ќе биде дел и од програмата  „Скопје фелоушип“, претставувајќи ја својата издавачка куќа „Геопоетика” – најавуваат организаторите на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“.

Инаку, Владислав Бајац (1954) работел како новинар и преведувач до 1993 година, кога ја основал издавачката куќа „Геопоетика“, а од 2008 до 2010 година бил и потпретседател на српскиот ПЕН-центар. Има напишано повеќе романи, збирки раскази, збирки поезија. Добитник е на многу светски награди за своите дела. Неговиот роман „Амамот Балканија“ ја доби меѓународната награда „Балканика“ за најдобра книга во 2008 година. Познати се и неговите романи

„Црна кутија“ издаден во 1993 година, за кој ја добил наградата „Борислав Пекиќ“, „Друидот од Синдидун“ издаден во 1998 година, кој освоил две награди „Бранко Ќопиќ“, што ја доделува Српската академија на науките и уметностите и „Шести април“. Неговиот четврти роман, „Бегство од биографија“, бил добитник на „Хит либрис“, додека „Европа експрес“ ја добил македонската награда „Златен прстен“ во 2003 година. Неговите дела се преведени на 20-ина светски јазици и многу од нив се адаптирани за театарски претстави.

Учесници во оваа програма се и Пелин Јилмаз од издавачката група „Епсилон“ (Истанбул, Турција) и Катја Кац од КУД „Содобност интернационал“ (Љубљана, Словенија).

Јилмаз од 2019 работи како менаџерка за странски права. Нејзините главни одговорности во издавачката група се проектен менаџмент, корпоративна продажба и маркетинг. Од 2020 година е исклучиво одговорна за Одделот за права. Целта им е нивните книги да патуваат низ светот.

Катја Кац, пак, од јуни 2015 година работи во КУД „Содобност интернационал“ како проект-менаџер и менаџер за странски права. Од мај 2016 година е вклучена во проектите „Нашата мала библиотека“, „Книгите ги поврзуваат световите“ и „Спремни за читање“.

Тие ќе учествуваат на тркалезна маса на вториот фестивалски ден и ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи.

Организатор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ е „Прозарт медиа“.