Русковска: СЈО треба да ни ги предаде случаите, обвинителството не може да бара да ги преземе

40

Според постоечкиот Закон што се уште важи за Специјалното јавно обвинителство, тие треба да ни ги предадат предметите. Доколку не ни ги предадат, ние според тој Закон не можеме да ги побараме и да ги преземеме, изјави денеска јавната обвинителка Вилма Русковска, прашана дали би ги преземале предметите од СЈО за тие да не пропаднат, по вчера изнесеното начелно правно мислење на Врховниот суд.

Прашана дали прислушуваните разговори ќе бидат докази и на јавното обвинителство доколку ги преземат случаите, Русковска, рече дека нема причина зошто не би биле.

– Доколку се сеќавате, кога тие снимки беа предложени како доказ од страна на СЈО, судот првостепениот ги одби, не ги прифати, но по одлука на Апелациониот суд тие станаа докази во предметите. Нема зошто таа одлука да не важи, не е битно кој постапува по предметот и кое обвинителство. Сите сме обвинители и одлука на суд е одлука на суд, рече Русковска.

Посочи дека тоа е нејзино мислење, а доколку им бидат предадени предметите и почнат да постапуваат, ќе видиме што ќе се случи.

Врховниот суд на Република Македонија, вчера соопшти дека СЈО не може да поднесува обвиненија по истекот на рокот од 18 месеци

– Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, како кумулативен услов, што не може да биде пречекорен, сметано од денот на прием на материјалите од неовластено следење на комуникации од член 2 од Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, и по истекот на тој рок од 18 месеци, не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка, беше наведено во правното мислење објавено на веб страницата на Врховниот суд на РМ по одржаната општа седница.