„Како крајот и да не е сосема блиску“ – екперименталната претстава без актери на Битеф театар од Србија, а во режија на Никола Зависиќ вечерва во МНТ го отвори 46. Млад отворен театар (МОТ) кој годинава ќе се одржи во целосно физичко издание и во два блока – од 18 до 26 ноември и од 2 до 7 декември.
фото:Ѕ. Плавевски
Претставата е инспирирана од суптилните поместувања на светот, односите и човечката интеракција во дигиталната реалност. Публиката, составена од пет луѓе, може да доживее виртуелно патување низ можните нови светови околу и во нас самите. Низ интерактивна игра на моменталното заедништво, кое се воспоставува во
микроструктурата на театарскиот чин, на публиката ѝ се дава можност истовремено да
биде изведувач, гледач и да го бира аголот на гледање. Користејќи ја виртуелната
реалност, аудиовизуелните инсталации и текстот, односно гласот што повикува на
учество, овој чин станува повик на барем и мала, незабележлива лична револуција…
Претставата во рамки на фестивалот ќе има уште неколку изведби.
Ова е првата од 25 претстави кои ќе бидат изведени во живо во рамки на годинешниов
МОТ. „Ова издание на МОТ е особен предизвик бидејќи се обидуваме да го зачуваме
духот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивал во регионот, во овие
несигурни времиња, кога многу фестивали се принудени да ги откажуваат своите
активности, а самите театри се борат да ги одржуваат своите редовни репертоари. Ние
одлучивме храбро да го правиме 46. МОТ и тоа во два блока, првиот посветен на
меѓународна програма во која ни гостуваат претстави од Австрија, Словенија, Бугарија, Турција, Србија и Хрватска и вториот на домашната независна продукција“, истакна деновиве Русе Арсов, директор на МКЦ најавувајќи го фестивалот.
Инаку, на ова издание публиката ќе има можност да одгледа две изведби на расказите на Румена Бужаровска „Мојот маж“ – од Југословенско драмско позориште, Белград (СРБ) и од Драмскиот театар во Скопје. Најавената трета изведба на претставата „Мојот маж“ на Словенско народно гледалишче од Љубљана е откажана поради позитивни членови на ансамблот.
Во рамки на фестивалот ќе се изведат и три продукции курирани од Локомотива –
Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, а публиката ќе може да ги
погледне и Скопје танцовиот театар со „Искричаво“, Турскиот театар со „Вишновата
градина“ и копродукциите на Македонскиот народен театар „Последната лента на Крап“ на Ѓорѓи Јолевски и македонската премиера на „Нема да биде крај на светот“ во режија на Нина Николиќ, копродукциски проект со САРТР од Сараево, БиХ.
На МОТ ќе гостуваат и ансамблот на Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ со
„Глембаеви“ на Бранко Брезовац и Народниот театар Битола со „History of motherfuckers“ на Андраш Урбан, а на фестивалот ќе се изведе и претставата „Кабли“ во продукција на „Theater am Lend“ од Австрија, во која учествуваат двајца македонски автори – Ивица Димитријевиќ и Јане Трајковски.
При крај на првиот блок ќе може да се погледне и Словенско младинско гледалишче (СЛО) и нивната „Уметноста е ормар“ во режија на Иван Петернељ.
Вториот дел од МОТ почнува, пак, на 2 декември и во него се гледа одразот на незвисната домашна продукција, која во периодот на пандемија се покажа како исклучително активна и токму затоа, според организаторите, го заслужила вниманието и е поставена на МОТовскиот репертоар. Тука ќе се изведат претставите на Лука Кортина „Дневна доза мазохизам“, на Сибел Абдиу „Модиљани“, на Ангела Стојановска – „Срам“, Борис Василески – „Вистинскиот запад“, како и на Нела Витошевиќ „Работи за кои не зборуваме“, Јован Ристовски „Три“, Ана Батева „Шапка, анус, чоколадо и уште нешто“, на Ришард Ниечим „Пандорината кутија: Наследството на ќерката“, како и „Мајсторот за спомени“ на Јане Спасиќ, „Под-готвено“ на Дејан Спасовиќ, „Имагинарен, ти“ на Блерим Дардишта и „Јовано, Јованке“ на Јована Зајкова и Бобан Русески.
Инаку, покрај во два блока, 46. Млад отворен театар ќе се случува на шест сцени,
Младински културен центар (сала 25 Мај и сала Фросина), Драмски театар, Театар Комедија, МНТ и Дом на АРМ, а сите настани ќе се одржуваат според важечките
протоколи за заштита од ковид. „Следејќи ги протоколите кои се актуелни во моментов, капацитетот на публика е ограничен на 50% од капацитетот на салите.
Будно ја следиме состојбата со прогресот на бројот на заболени лица, но изминатиов период реализиравме толку многу настани, станавме искусни, рутинирани за спроведување на протоколарни мерки, па и публиката го препознава тоа и се чувствува сигурно во МКЦ. МОТ-овската публика е публика од различен профил, но пред сè луѓе посветени на театарот, разумни луѓе, кои ја имаат примено својата доза вакцина и заслужено ги очекува театарски празник во текот на овие две фестивалски недели. За сите претстави и минатата година и оваа се бараат билети повеќе, но ограничувачките капацитети не дозволуваат ниту човек повеќе“, изјави за весникот ВЕЧЕР Филип Николовски од тимот на МКЦ во пресрет на фестивалот кој е поддржан од Министерство за култура и Град Скопје. (Н.И.Т.)