Нова студија открива:Маските меѓу најмалку рестриктивните мерки и со ефикасност која изненадува

337

Во групата на најмалку рестриктивни мерки, носењето маски се покажа како најефективно за спречување на болести, покажа студијата објавена вчера во научното списание BMJ.

Во оваа студија, научниците од Монаш и Универзитетот во Единбург ги анализираа досега објавените анализи за ефективноста на поединечните мерки кои се применуваат од почетокот на пандемијата, заклучувајќи дека носењето маски ја намалува инциденцата на Ковид за 53 проценти.

Дополнително, оваа мерка го намалува и бројот на смртни случаи од Ковид 19 како и пренесувањето на вирусот Сарс-Ков-2.

– Природен експеримент во 200 земји покажа дека земјите во кои носењето маски било задолжително, имаат 45,7 отсто помала смртност поврзана со Ковид 19,  се наведува во истражувањето.

Физичкото растојание беше нешто помалку ефикасно во намалувањето на стапката на пациенти – 25 проценти.

Истражувачите навеле и дека миењето раце ја намалува стапката на инциденца за 53 отсто, при што овој процент е добиен врз основа на анализи на студии во кои учествувале помал број испитаници, пренесува „Данас“.

Во однос на другите мерки кои се применети, истражувачите изјавија дека претходните студии покажале дека изолацијата, минимизирањето на контактите, периодите на затворање на сите несуштински активности доведоа до значително намалување на бројот на пациенти и смртни случаи.

Сепак, како што напоменуваат, општото затворање не е одржливо и потребни се поконкретни мерки кои не го загрозуваат општествениот живот и економијата, туку го штитат здравјето на граѓаните.

Во исто време, авторите на студијата предупредуваат дека додека не се постигне колективен имунитет, превентивните мерки ќе останат прв избор во спречувањето на болеста, особено на места со мал процент на вакцинирани.

Во моментов во повеќето европски земји носењето маски е задолжително во затворени простории, а дури и земјите кои претходно ја укинаа оваа мерка, како Данска, сега ја враќаат поради зголемениот број на пациенти.