Минск работи на репатријација на пет илјади мигранти, првите 400 се вратија во Ирак

22

Во Белорусија во моментов има околу 7.000 мигранти, од кои повеќе од 2.000 на границата со Полска, епицентарот на мигрантската криза, соопшти денеска Кабинетот на белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Според портпаролката Наталија Аисмонт, Минск ќе работи на репатријација на 5.000 мигранти, доколку мигрантите го сакаат тоа.

Стотици Ирачани претходно денеска се вратија во својата татковина со лет на ирачката авиокомпанија Ирак ервејс од Белорусија, каде илјадници мигранти со недели кампуваат на полската граница, надевајќи се дека ќе влезат во ЕУ.

Ова беше првиот лет за враќање на мигрантите од почетокот на полско-белоруската гранична криза.

Во авионот Боинг 747 имало вкупно 431 лице, изјави портпаролот на владата на автономниот регион Курдистан, од каде што потекнуваат многумина од вратените Ирачани. Ирачката влада соопшти дека репатријацијата била доброволна. Летот требаше да продолжи подоцна во вечерните часови за Багдад, но повеќето од патниците се симнале во Арбил.

Инаку, според портпаролката на Лукашенко, германската канцеларка во заминување Ангела Меркел преговара со Европската унија за формирање хуманитарен коридор за евакуација на преостанатите 2.000 мигранти во Германија. Германските власти ја демантираа информацијата, велејќи дека не преговараат со белоруските власти.

– Германија не постигна никаков договор со белорускиот претседател Александар Лукашенко за решавање на мигрантската криза на полско-белоруската граница,  изјави денеска неименуван извор од германската Влада, откако медиумите наведоа дека лидерите на двете земји постигнале договор. -Ситуацијата на границата е европски проблем во кој Германија не дејствува сама, додаде изворот, пренесен од британските медиуми.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер од своја страна, за време на посетата на Варшава изјави дека веднаш ја повикал Ангела Меркел да и ја пренесе веста, а потоа било утврдено дека се работи за дезинформација.