Во светот на спортот некои личности засекогаш ќе останат препознатливи, дали по својот имиџ или поради лудите изјави. За нас Македонците, тоа секако е либерото на одбојкарската репрезентација, Дарко Ангеловски (28), познат како Шаби, кој со сигурност е најмаркантната личност во македонскиот спорт.
ФОТО: Петр Стојановски
Ангеловски во интервју за весникот „Вечер“ искрено и директно без „влакна на јазикот“ се отвори и кажа сè што му лeжи на душа. Тој откри какви му се плановите кога во прашање е неговата кариера, а воедно сликовито опиша како е да се биде пожарникар, големата желба која му се оствари пред речиси две години. Да, токму така, преку ден гаси пожари и спасува луѓе, а навечер е на одбојкарските терени.
За почеток, Шаби се присети на настапот на двете Европски првенства, во Словенија и во Финска.
- Можам да кажам дека бевме успешни на првото Европско првенство, бидејќи не е мала работа да се победи Словенија, која подоцна играше во финалето и беше вицешампион. На тоа првенство не ја добив потребната минутажа, поради одреден склоп на интереси, но беше одлично како за почеток. На второто дојде до промена на селекторот непосредно пред ЕП, многумина од репрезентативците негодуваа и не сакаа да играат, што ни ја наруши хемијата во соблекувалната, иако очекувавме подобар пласман на шампионатот. Повторно дојде до тој судир на интереси каде што некои луѓе приватниот план го ставија пред државата, започна Ангеловски.
Потоа додаде како од репрезентативец стана спасител на човечки животи, односно националниот дрес го замени со пожарникарска опрема.
- Одамна имав огромна желба да станам пожарникар, уште од 2015 година, а на 30 декември 2020 година конечно се вработив. Имав голема желба за оваа пред сè хумана работа, мислам дека јас сум единствениот за кого може да се напише книга со наслов: „Ако нешто вистински се посакува, може да се оствари“. Имав преголема желба, а на крајот инаетот ми дозволи да станам пожарникар. Сега од поинаков агол ги гледам сите работи, мислам дека сум на вистински пат да бидам она што сум. Може да се каже дека преку ден гасам пожари, а навечер играм одбојка, имам време за сè, па дури и за девојките, се пошегува либерото.
Шаби откри што му е потешко – да гаси пожари и да спасува животи или да игра одбојка и да ја радува нацијата.
- Да гасам пожари дефинитивно, бидејќи опремата е премногу тешка, околу 40-ина килограми на себе. Замисли, треба да се качиш на планина, на петти кат во зграда, да влегуваш во голем чад, оган, температура над 500 степени, а одбојка – тапни си ја топката и поенот ќе дојде. Не велам не, и во одбојката треба упорност и знаење, но со оган нема играчки. До сега спасивме голем дел од шумите во Македонија, особено во Блаце каде спасивме многу од животинскиот свет, така што можам да кажам дека сум горд на многу дела кога е во прашање пожарникарството. Исто така имам изгаснато многу автомобили, станбени објекти, пред сè поради несовесни граѓани кои често палат. Постои голем адреналин во пожарникарството, влегуваш каде што обичен човек не влегува, исто како на филмовите. Тоа е војна со огнот. Но, мора да споменам, голема благодарност до искусните пожарникари од старата гарда кои ни даваат совршени инструкции и не учат нас младите како да се справиме со огнот во моментите на опасност. Ние сме тим, исто како и во одбојката, помладите учиме од поискусните, вели Шаби.
Мустаќите секогаш му се во „прв“ план.
- Многу медиуми ме нарекуваа „маркантен“, но јас мислам дека сум единствениот одбојкар кога го препознаваат по уникатните мустаќи. Затоа би рекол дека сум „единствениот“, а не „маркантниот“. Тие не ми се само имиџ, туку ми се допаѓа стилот и баш ми е интересно. За време на Европското првенство голем број медиуми ме пишуваа, меѓу кои и италијанските, како и француските. Само ми пуштаа линкови од странски медиуми каде што насловите им гласеа: „Не можеш да бидеш најдобриот, но по мустаќите си препознатлив“. Имаше многу зафрканции, невидени глупости, но имиџот ме направи препознатлив, вели пожарникарот.
Популарниот Шаби проговори и дали наскоро ќе се пензионира од спортот со оглед на двете работни позиции.
- Сè уште не размислувам за пензија, моментно сум дел од ОК Работнички. Многумина помислија дека ќе се пензионирам откако станав пожарникар, но еве ме – тука сум, уште ќе ме гледате. Не играв во европската лига затоа што навреме не пуштија допис до Град Скопје за ослободување на работните обврски како пожарникар за настап во репрезентацијата, па многумина ме пензионираа. Но, се надевам дека во иднина нема да имаме таков пропуст и сигурен сум дека ќе бидам дел од националниот тим, а за тоа подготвен сум да оставам срце на терен. Во законот се вели дека ако играш за репрезентацијата треба да бидеш ослободен од работа, односно градоначалникот на самата општина треба да го потпише тој документ кој е испратен од Федерацијата. Но, искрено верувам дека ќе бидам дел од репрезентацијата на ЕП, бидејќи ако не бидам на списокот, салата ќе биде празна затоа што го нема „позитивниот циркусант на одбојката“, се пошегува Ангеловски, кој верува дека ќе има голема поддршка од трибините и од колегите од противпожарна бригада.
Тој уште од сега се „остри“ за ЕП, работи на физичка подготовка и покрај тренинзите кои ги има во моменталниот клуб Работнички.
- Интензивно се подготвувам, и физички, и психички. Во Работнички се пробувам на неколку позиции, пронаоѓам начин како подобро да се подготвам за да можам да помогнам во националниот дрес, истакна Ангеловски.
Најголем дел од кариерата ја мина во македонските клубови, а беше дел и од одбојкарскиот клуб Будва, па откри дали кај нас има доволно услови за да се егзистира и да се стане одбојкар на врвно ниво.
- За разлика од Будва, тука ние одбојкарите имаме повеќе талент, повеќе желба за работа, но немаме пари, не сме финансиски потпомогнати од страна на државата. Најдобар пример за тоа се ладните сали во зима. Останувам во Македонија само поради другата работа (пожарникар), што само по себе кажува дали може да се егзистира од овој спорт кај нас. Да можеше да се егзистира од одбојката, немаше да работам уште една работа, притоа немам ниту еден ден стаж од спортот. За разлика од ракометот и од фудбалот, во одбојката платите се мизерни, пред сè се работи од љубов. Многу клубови до ден денес ми се должници, ги молам за пари, не ми даваат ниту 100 евра, а камоли солидна плата, откри Шаби.
Потоа откри како ги прославува победите, особено против фаворитите. Како и многумина спортисти, знае да „фрли“ една чашка повеќе.
- Сега, кога ги „тепавме“ Лирија, дури утредента се вратив дома. Се препарирав од алкохол. Моментно играм претежно со деца, па како најискусен во тимот постојано има шеги и дружби. Тука има деца што сега почнуваат да играат одбојка, некои играле година-две, уште се недоволно искалени, па затоа мора да се опуштиме понекогаш. Знаеме по натпревар да излеземе, да се подружиме, па понекогаш и да претераме. Тоа особено се случува кога ќе победиме некој фаворит. Но, нас спортистите нè „здрмува“ по само неколку чаши, вели либерото.
Една од целите му е да стане градоначалник на Општина Аеродром, а има и идеја со која ќе ја „купи“ довербата кај народот.
- Таа идеја ја имав уште на претходните избори, како независен кандидат. Имав неколку проекти во програмата кои актуелниот градоначалник (Тимчо Муцунски) ми ги украде. Но, ајде не ми беа патентирани, па му дозволив (се шегува). Доколку станам градоначалник на следните избори, прво што ќе направам, ќе го земам целиот буџет и ќе ги фрлам како летки од авион на ниво на Општина Аеродром. Нека има за народот, па ако сакаат ќе продолжам да ја извршувам функцијата, ако не ќе си дадам оставка. Подобро да лежам за такви пари кои сум им ги дал на народот, отколку да ме обвинуваат за украдени државни или општински пари. Имав понуда да влезам во партија, но ниту една не ми се допаѓа, па затоа, ако влезам, ќе бидам независен кандидат за градоначалничката фотелја. Исто така сакам да се изгради една противпожарна станица во Аеродром. Сметам дека е неопходна, бидејќи станува збор за огромна општина. Едно е јасно, ликот и делото на „Шаби“ никогаш нема да згаснат. Не знам до кога ќе ми трае спортската кариера, сакам да бидам во спортот, прва љубов ми е, но верувам дека уште долго јавноста ќе ме гледа на ТВ-екраните, заврши Ангеловски.
Кристијан ТРАЈКОВСКИ