Уживање во весник и утринско кафе е привилегија на тие кои знаат да уживаат!

193

И така ден по ден, месец по месец, година по година и дојдовме до 59, на само чекор до полни шест децении од излегувањето на еден од најстарите дневни весници во Македонија. Денес ВЕЧЕР слави роденден, можеби никогаш досега погорд на своите години, зашто успеа во овие тешки и турбулентни економски и политички времиња да опстане, остане и натаму да биде релевантен фактор во медиумскиот простор во земјава, но и во регионот.

Медиумите се длабоко навлезени во дигиталната ера. Долгогодишната криза што ја преживуваат, како нејзина последица од која се најпогодените весниците, предизвика десеткување на кадарот поради пад на приходите од продажба и огласување. А, кризата во медиумите е, пред сè, криза на новинарството и неговиот интегритет.

Весниците, генерално гледано излегоа од мода или модерно кажано – сега се ретро! Такви дојдоа времиња. Луди, сосема луди, во секој поглед. Исчашени и превртени на глава „Читањето весник е дневна молитва на современиот човек“, рекол германскиот филозоф Хегел. Па така некако станавме многу современи или многу сиромашни!

Навистина ретрото е во мода. Еве, нè вратија во 18 век, ни разиграа војна, нè соочија со невидена пандемија од поновото време… навистина сме по ретро протоколи.

Влегуваме повторно во некој страв од војна и стравуваме што ќе биде со човештвото. Сите се врзани за компјутери, мобилни, интернет… сите сакаат брзо или „фастфуд“ информирање. Се чини времето на уживање во весник и утринско кафе остана привилегија на тие кои знаат да уживаат.

Колку само убавина има во прелистување на страница по страница, лист по лист, кој лизга под прстите како голтка кафе низ нерасонетото грло. Мелем!

Неодамна читам, легендарниот Емир Кустурица рекол „Никогаш повеќе луѓе не пишувале, а никогаш помалку не читале”. И не читаат, факат! Дремат на интернет, полн со неименувани извори, секс и катастрофи… битно да се врти муабет. Кој денес ти гледа квалитет (чест на исклучоците кои ги „кршат” овие правила).

Весникот ВЕЧЕР е во исклучоците. Цели 59 години, генерации новинари, уредници, фоторепортери, лектори… се вложија себеси за оваа „скапа играчка”. Ние сме ваше уво и око во јавноста. Секогаш со точна и проверена информација.

Почитувани читатели, драги пријатели

Овој ден е вреден за сите нас и респект кон сите вас што нè читате и ни верувате. Вреден кон генерации новинари кои оставија печат на дел од минатото, дел од сегашноста и дел од себе низ неговите страници. Свесни сме за нашата задача и се обидуваме да бидеме крајно професионални. Стоиме исправени пред секој нов ден кој ќе испише нова страница. Работиме професионално, совесно, пожртвувано и пред сè со многу љубов. Така и ќе биде.

Сведочиме на едно тешко време за медиумите, печатените пред сè.

Сите живееме во времиња страдни. Да ми кажеше некој дека по 35 години од мојот новинарски пат, во 2022 година ќе пишувам за војна, војна не каде било, туку тука, во Европа, војна од размери на Трета светска војна, ќе му речев: Каква е оваа болна фикција?! Но, за жал, тоа е нашата реалност!

Затоа кон сите вас што нè читате, што купувате весник или нè следите онлајн на vecer.press се обврзуваме да бидеме уште поодговорни, попрофесионални, поетични во вакви сензитивни времиња со тoчни и проверени информации и … сè така додека „Јавачите на апокалипсата не ги натераат своите коњи во галоп” и не запловиме во мирни времиња!

Тогаш пак купете весник и со мерак прочитајте некоја убава и успешна сторија за животот, за убавите луѓе, убавините на светот. Со утринско кафе или чај!

Тоа е наш завет кон весникот ВЕЧЕР!

Весна МИЌИЌ БОЖИНОВСКА

Главен и одговорен уредник