Фудбалерите на Бразил триумфираа во финалето на 46-тото издание на Копа Америка, откако го совладуваа најпријатното изненадување на турнирот, селекцијата на Перу со 3:1 на стадионот „Маракана“ во Рио де Жанеиро.

За Бразилците ова е прва титула на јужноамериканското првенство по цели дванаесет години и вкупна деветта во својата историја.

Бразил поведе со голот на Евертон во 15. минута, а Перуанците успеаја да израмнат во 44 минута од пенал со погодокот на Гуереро, откако претходно Силва играше со рака во шеснаесетникот. Неколку минути подоцна, во судиското продолжение, Габриел Жезус повторно реализираше за ново водствно на Бразил, овој пат со 2:1. Жезус по асистенцијата и голот повторно се најде во центарот на вниманието откако во 70. минута непотребно заработи втор жолт картон и мораше да се упати во соблекувалната.

Перу се обидуваше да израмни, но не само што не успеа, Бразилците добија пенал на истекот на деведесетте минути, а Ричарлисон реализираше од белата точка за конечни 3:1.