Втора година по ред, новогодишната ноќ во Франција ќе биде одбележана со двоен предизвик за полицијата – борба против урбаното насилство и почитуриктивнитре мерки воведени поради Ковид-. Поради тоа за новогодишната ноќ ќе бидат ангажирани 95.000 полицајци и жандарми, јави дописникот на МИА.

Севкупно, безбедносниот систем ќе биде составен од 127.000 луѓе, бидејќи вклучува и 32.000 пожарникари и припадници на цивилна безбедност, соопшти француското Министерствот за внатрешни работи.

Покрај тоа, речиси 3.200 војници од силите Сентинел се додадени во системот. Организацијата е приближно идентична со онаа од 2020 година кога беа ангажирани 100.000 полицајци и жандарми.

Силите на редот ќе бидат одговорни особено за спроведување на полициски час за малолетници без придружба на возраст под 16 години, што е воведен во неколку градови, меѓу кои се Стразбур, Пање во Мозел или Компиењ и Понт-Сен Максен во Оаз.

Во однос на главниот град, префектурата на полицијата во Париз ќе мобилизира 9.000 службеници. Тие ќе бидат особено внимателни наспроти терористичката закана, но ќе мора да се соочат и со урбаното насилство, како што се традиционалните палења на возила, а ќе се грижат и за безбедноста на патиштата. Областа околу Шанзелизе ќе има посебни безбедносни мерки за да се спречи какво било прелевање на насилство на најпознатата француска авенија.

Во Париз е забрането набавка и поседување огномет. Исто така, во главниот град ќе биде забрането консумирање алкохол во јавност од 18 до шест часот на одредени фреквентни места, како што е Каналот Сен Мартин.

Со цел да се спречи ширење на сојот Омикрон забранети се собири на јавните места, сите објекти во кои се служат пијалаци мора да се затворат во два часот по полноќ, додека танцувањето е забрането во баровите и рестораните.

Полицијата ќе го контролира и носењето маска, кое повторно е задолжително на улиците на Париз, во парискиот регион и во многу градови, како на пример во Лион.

Пред две недели, градоначалникот на Париз го откажа огнометот и концертите планирани на Шанзелизе поради пандемијата со Ковид-19.