На општина Кавадарци и е предадена опрема за справување со загадувањето на воздухот

44

Амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Џаин и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан, при посетата на Општината Кавадарци, ја предадоа донацијата во техничка опрема, како дел од проектот „Справување со загадување на воздухот“.

– Без разлика дали станува збор за ИТ-опрема, заштитна облека за на терен, сензори за мерење бучава и квалитет на водата или за ГПС-уреди, сигурни сме дека ќе им помогнат на одговорните лица подобро да се справат со предизвиците за заштита на животната средина – изјави постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации, Армен Григорјан.

Од Општина Кавадарци објаснија дека проектот се спроведува во пет пилот-општини во Македонија, ќе се фокусира на откривање и мерење на изворите на загадување на воздухот, како и на идентификување, планирање и имплементирање соодветни мерки за справување со загаденоста.

– Проектот е финансиран од шведската амбасада, а имплементиран од УНДП и е во вредност од 10.000.000 денари, додека опремата што се донира за Општина Кавадарци е во вредност од 850.000 денари – соопштија од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.

Оттаму нагласија дека главната цел на проектот е дополнително да ги засили капацитетите на локалните власти за креирање, планирање, имплементирање и мониторирање на плановите, чија цел е да се подобри квалитетот на амбиенталниот воздух и да се зголемат знаењето и свесноста за проблемите поврзани со загадувањето на воздухот.