Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) ќе ги зајакнува капацитетите за вршење надзор врз безбедноста на македонското небо. За таа цел, од вчера почна Твининг лајт проект, кој ќе се спроведува во наредните 10 месеци со помош на хрватската Агенција за цивилно воздухопловство во изработката и спроведувањето на национална правна рамка за цивилно воздухопловство.

Проектот е во вредност од 250 илјади евра и е финансиран од Европската Унија

– Како земја која ги започна преговорите за членство во ЕУ имаме одговорност  да обезбедиме високо ниво на стандардизирани услуги и ресурси во авиосообраќајот. За тоа не ни е потребна само регулатива, туку и квалификувани човечки ресурси. За нас од исклучително значење е воспоставувањето на високопрофесионални стандарди во сферата на цивилното воздухопловство и во таа насока  создаваме услови  за креирање на долгорочен и ефикасен систем на организирање на авиосообраќајот во земјава. Наша крајна цел е зајакнување на меѓународните воздухопловни стандарди преку приближување на домашната легислатива со европската, како и политиката на ЕУ за создавање на Европска заедничка воздухопловна област – истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Тој напомена дека токму 2023 година ќе биде година на постигнување на највисоки резултати во цивилното воздухопловство и по бројот на летови и по бројот на патници.

Директорот на АЦВ, Томислав Тунтев, рече дека токму на денешен ден пред 28 години се формирани првите воздухопловни власти во земјава, а на 7 декември воедно се одбележува и Меѓународниот ден на цивилното воздухопловство и Денот на АЦВ.

– Над 67 проценти од воздушниот сообраќај во светот поминува најмалку две граници. На Земјината топка има многу граници, но небото е едно. За нас е голем предизвик тоа едно небо да го направиме  едно заедничко за сите, односно сите стандарди, препораки и практики кои важат во развиените земји да важат и за нашата држава. Токму овој проект е еден чекор кон остварување таа цел – рече Тунтев.

Претставникот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Бого Феручио истакна дека цивилното воздухопловство е столб на економскиот живот, а, како што рече, наша заедничка одговорност е воздушниот сообраќај да биде сигурен и ефикасен.

– Како идна членка на ЕУ треба сериозно да работите да ги исполните условите и барањата на ЕУ. Овој твининг-проект ќе ве приближи до целта и ќе го зголеми капацитетот на АЦВ, а и развојот на цивилното воздухопловство во согласност со меѓународните стандарди – рече Фаручио.

Директорката  на воздухопловните власти на Хрватска, Ана Капетановиќ, нагласи дека секогаш нудат помош на соседите и на партнерите за да се обезбеди напредок на полето на авиосообраќајот.

– Транспозицијата на законодавството на ЕУ на ова поле бара посветеност. Ние имаме доверба во нашата работа и во позитивен исход на проектот – рече Капетановиќ.