Над 50 отсто од младите биле жртви на сајбер напади

26

Аналитика тинк-тенк денеска презентираше резултати од истражување спроведувано седум месеци, кое опфатило 313 ученици, со примена на анкетен прашалник со 25 прашања.

Биле анкетирани ученици од три средни скопски училишта, гимназиите „Никола Карев“ и „Георги Димитров“ во Карпош и средното стручно училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари.

Како што истакна Маја Христовска, проектен експерт од Аналитика, еден од резултатите е дека 51 процент од младите биле жртви на сајбер напади.

– Генерално, станува збор за сајбер булинг. Во истражувањето се покажа дека голем дел од училиштата спроведуваат интерни кампањи и учениците се доволно едуцирани дека треба да побараат помош. Најмногу помош бараат од родителите и од стручните служби, меѓутоа голем процент од учениците бараат помош и од своите соученици – рече Христовска на завршната конференција од проектот „Унапредување на знаењата и вештините кај младите за примена на мерките за сајбер безбедност и придобивките од дигитализацијата“. Случаите на сајбер насилство биле различни, еден дел од учениците биле жртви од надворешна страна, од предатори, а некои – жртви на свои соученици.

– Сметаме дека недостигаат одредени програми во училиштата што би содржеле теми од областа на сајбер безбедноста, односно цениме дека треба малку да се унапредат програмите со вакви теми, а, исто така, потребно е целокупниот образовен процес да образова ученици што ќе бидат дигитално флуентни и ќе може подобро да се снајдат во дигиталната ера – нагласи Христовска.

Според неа, најдобро е учениците најпрво да побараат помош во училиштата, да се обратат кај своите класни раководители или кај стручните служби, а и кај родителите.