Претседателот и професорката влегуваат во изборната трка идната недела

Нa 4 април, веќе и официјално почнува изборната кампања за претседателските избори и таа ќе трае до 22 април. Потребните 10 илјади потписи од граѓаните за претседателските избори засега ги собраа кандидатите на ДУИ, Бујар Османи, на здружената албанска опозиција, Арбен Таравари и Максим Димитриевски од ЗНАМ, и со тоа тие станаа сигурни учесници во претседателската трка. Кандидатите на СДСМ и на ВМРО- ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски, на кандидатската листа за иден шеф на државата ќе се придружат следната недела. Листата со кандидати се затвора на 8 март.

840

Потребните 10.000 потписи од граѓаните за претседателските избори засега ги собраа кандидатите на ДУИ, Бујар Османи, на здружената албанска опозиција – Арбен Таравари и Максим Димитриевски од ЗНАМ, и со тоа тие станаа сигурни учесници во претседателската трка, а од идната недела ним ќе им се придружат и кандидатите кои се поддржани од најголемите партии СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ, актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски и пратеничката Гордана Силјановска-Давкова.

Партиските конвенции на СДСМ и ВМРО -ДПМНЕ на кои треба да бидат потврдени кандидатурите на Пендаровски и Силјановска-Давкова се закажани за викендов.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан  Мицкоски, деновиве рече дека во недела, веднаш по Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, нивната кандидатка Гордана Силјановска-Давкова ќе започне со собирањето на потребните потписи за претседателската кандидатура. Мицкоски изјави дека очекува потребните 10 илјади потписи да бидат собрани истиот ден и тоа за само неколку часови. Освен со 10 илјади граѓански потписи, таа како кандидат за претседател на државата, ќе влезе и со поддршка од 30 пратеници.

Пендаровски, пак, со собирање на потписи од граѓани ќе почне од наредната недела.

-Трети март е денот кога очекувам за неколку часа да бидат собрани потписите, изјави Пендаровски.

Инаку од 11. кандидати, кои од петокот на 23 февруари собираат потписи,  извесно е дека и кандидатката на Левица, професорката Билјана Ванковска, ќе ја исполни целта да се најде во трката, со оглед дека таа до вчера собра 9.000 потписи. На добар пат да се најде во трката е и Стевчо Јакимовски од ГРОМ, со 6.676 потписи. Преостанатите шестмина кандидати, од вкупно 11, колку што се пријавија во ДИК, кои се вклучија во оваа трка по гласови за да станат претседателски кандидати, засега се далеку од потребната граѓанска поддршка. Вело Марковски има собрано 1.087 потписи, Мерсиха Смаиловиќ од Бошњачката партија 977 потписи, Ѓорѓи Манасков – 323, а Зорица Цветковска – 105, Господин Попоски – 63 потписи.

Постапката за собирање потписи, почна на 23 февруари, а ќе трае до 8 март.  

Во меѓувреме засилено се одвиваат и активностите на надлежните институции и сите други субјекти кои треба да придонесат изборниот процесот да биде фер и демократски.

Завчера, конечно, на дневен ред во Собранието се најде и испразнетото столче во највисокото изборно тело, а Абдуш Демири, кој е поддржан од албанските опозициски партии е избран за член на Државната изборна комисија. Комплицирањето на неговиот избор беше причина шесттемина опозициски пратеници на сојузот да ја бојкотираат работата на Собранието од јануари годинава.

Во меѓувреме, освен што го комплетираше својот состав, ДИК ги усвои и роковниците за изборните дејствија.

Изборниот календар предвидува дека учесниците на изборните листи со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ, додека на 28 март ќе биде организирана ждрепката за утврдување на единствената листа на кандидати за претседателските избори.

А за еден месец, на 4 април, веќе и официјално почнува изборната кампања за претседателските избори и таа ќе трае до 22 април.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска им порача на функционерите дека кога ќе почне кампањата, тие повеќе не треба да ги употребуваат државните ресурси за партиски цели, со оглед дека тоа претставува хроничен проблем на македонската политичка сцена.

Изборите се тест за демократската зрелост, рече Грковска, која им порача на функционерите и избраните и именуваните лица дека треба да се придржуваат до Етичкиот кодекс и да прават разлика меѓу партиските и државните активности.

– Во насока на тоа да нема повторување на она што се случувало во минатото, испратив отворено писмо до сите субјекти, без разлика на кое ниво на власт се, да ги потсетам за обврските што ги имаат дека треба да прават разлика меѓу партиските и државните активности и дека не смее да се употребуваат државни ресурси за партиски цели во текот на кампањата. Како лице задолжено за следење на Етичкиот кодекс за избрани и именувани функционери од страна на Владата досега и како Кабинет сме постапувале по сите наоди што сме ги добиле без разлика дали се од медиумите или од ДКСК, како и од граѓани, меѓутоа се надевам дека сите тие постапки што сме ги имале и опомените што сме ги дале ќе бидат предупредување за останатите за тоа како и на каков начин треба да се однесуваат во овој период, изјави Грковск .

Во однос на тоа до кога функционерите ќе се појавуваат на промотивни настани, вицепремиерката рече  дека сè што е во законската рамка е дозволено заради тоа што, вели, станува збор за дел од секојдневните обврски на функционерите, но по почнување на кампањата, ќе важат строги правила.  

М.С.