На иницијатива на градоначалникот Тимчо Муцунски, Советот на Општина Аеродром на денешната седница донесе две важни одлуки – за изградба на нова градинка на местото од кафаната во склоп на ОУ ,,Блаже Конески” и за бришење на две маркици за градење на станбени згради, на чие место сега е предвидено парковско зеленило, информираат денеска од Општината.
Со оваа одлука, додаваат оттаму, проблемот на граѓаните кој го имаа со места во градинките конечно ќе биде решен, а продолжува и заложбата за зачувување на зелените површини во урбаното јадро на општината.
–Денеска на моја иницијатива, Советот на Општина Аеродром донесе одлука за изградба на нова детска градинка на местото на кафаната во училишниот двор на ОУ ,,Блаже Конески”, проблем на кој мичуринци беа особено гневни. Повеќегодишниот проблем на граѓаните со места во градинките конечно се решава и граѓаните можат да бидат спокојни. Исто така на денешната седница советот донесе одлука за укинување на две градежни маркици на потегот помеѓу Перла Бјанка и Маркет ЗУР, каде од сега наместо колективни згради е предвидено парковско зеленило. Со овие одлуки Општина Аеродром јасно става на знаење дека потребите и мислењето на граѓаните се и наш приоритет и дека со нас како локална власт имаат партнер во решавање на сите проблеми со кои се соочуваат, вели градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски.
Од Општината посочуваат дека оваа одлука на советот е втора во низата одлуки со кои се поништуваат градежни маркици кои, како што велат, се против волјата на граѓаните. Како Општина, додаваат, се обврзуваме пред граѓаните дека и во иднина ќе следат проекти кои се од општ и јавен интерес, со цел Аеродром да биде општина на која сите ќе бидат горди.