Мик Џегер, Глорија Гејнор, Брајан Адамс… и НАСА со емотивни пораки: Сите се простуваат од Тина Тарнер

1134
EPA-EFE/BRITTA PEDERSEN

Легендарната Тина Тарнер почина на 84-годишна возраст по долга борба со болеста. Многу познати ѕвезди се простија од својата драга колешка.

Британскиот музичар Мик Џегер (79) на својата колешка и посвети емотивна порака на Твитер и објави неколку фотографии меѓу кои и заедничките.

– Тажен сум поради смртта на мојата убава пријателка Тина Тарнер. Таа беше исклучително талентирана изведувачка и пејачка. Таа беше инспиративна, топла, смешна и дарежлива. Таа многу ми помагаше кога бев млад и никогаш нема да ја заборавам – напиша Мик.

Од Тина се прости и пејачот Брајан Адамс (63).

– Светот само што загуби еден од најдобрите изведувачи досега. Засекогаш ќе бидам благодарен за времето што го поминавме заедно на турнеја, во студио и како пријатели. Ти благодарим што беше инспирација за милиони луѓе ширум светот, што ја зборуваше својата вистина и што ни го даде твојот неверојатен глас. Моето сочувство до нејзиниот сопруг Ервин и семејството.

Од својата драга колешка се прости и пејачката Глорија Гејнор (79), позната по хитот ‘I Will Survive’.

– Многу сум тажна поради смртта на Тина Тарнер, легенда која им ја отвори вратата на многу жени во рок музиката, црни и бели. Тоа го направи со големо достоинство и успех, што ретко кој би се осмелил да го направи во нејзино време и во нејзиниот жанр музика – напиша Глорија.

И Белата куќа и НАСА се простија од Тина Тарнер.

– ‘Едноставно најдобра’ (Simply the best). Музичката легенда Тина блесна на сцената и во милиони срца како кралица на рокенролот. Нејзината трага вечно ќе живее меѓу ѕвездите – напиша НАСА.