Мештаните самоиницијативно го уредуваат пристапот до месноста Скокото

56

Во делчевското село Габрово се уредува пристапот до месноста Скокото, каде што мештаните се собираат секоја година, за празникот Ѓурѓовден. За таа цел, група жители од селото работат на поплочување на теренот до местото, каде што извираат три води, кои народот често ги посетува и за кои се верува дека имаат лековити својства.

– Се организираме секој викенд, група работници од селото, за да го поплочиме местото, за да не се гази по кал и за да е чист пристапот до местото. Акцијата ја спроведуваме самоиницијативно, но засега имаме слаб одѕив, слаба заинтересираност за помош и од други лица. За поплочувањето користиме камења од плочите што се наоѓаа претходно во Градскиот парк во Делчево, кој се реновираше. Се надеваме дека ќе биде завршена работата до Ѓурѓовден – вели Горан Анакиевски, главен иницијатор за доуредување на месноста.

 

Водите кај месноста Скокото извираат од три места под високите карпи, кои се наоѓаат во близина.

– Водата не е јака, тече капка по капка, не престанува и лете и зиме. Луѓето кажуваат дека лекува очи и нозе, доста е посетено. Обично тука се собираме за Ѓурѓовден, оти нема параклис. Во зависност од можностите и од волјата на луѓето, може и манастир да се изгради – нагласи Анакиевски.

Тој и другите учесници во акцијата им се благодарни на досегашните донатори, со чија помош е изграден мал помошен објект каде што се служи ручекот. Апелираат за викендите што следуваат, да се вклучат што повеќе волонтери за да заврши уредувањето до Ѓурѓовден.

Месноста Скокото е осветена од црковните старешини, со нивни благослов се планира поставување на повеќе икони и на крст. Се наоѓа над селото Габрово и може да се посети во секое време.

Во оваа месност луѓето порано пронаоѓале голем број артефакти и се верува дека по овој терен има поминато и славниот патописец Евлија Челебија, за што постојат пишани документи.