„Мачки“ – најпознатиот мјузикл на светот сега и на филм

713

Еден од најдолговечните мјузикли во историјата на театрите на Вест Енд и Бродвеј -„Мачки“, сега продолжува на големото платно. Во 1983 година, Бродвејската продукција на „Мачки“ освои седум награди Тони, вклучувајќи ја и онаа за најдобра музика, а претставата се прикажуваше извонредни 18 години. Инаку, мјузиклот премиерно се прикажа во 1981 година во New London театарот, каде се изведуваше 21 година и освои неколку од најпрестижните награди. Од нејзиното премиерно прикажување во Лондон во 1981, претставата „Мачки“ се игра постојано низ целиот свет, со над 81 милион гледачи во над 50 земји и на 19 јазици. Тој е еден од најуспешните мјузикли на сите времиња.

Но сега публиката ќе има можност да ужива во овој визуелен, музички и танцувачки спектакл и на големото платно, благодарение на актерите кои не го штедеа својот талент да направат филм кој ќе ги допре најискрените емоции. Во главните улоги играат Џејмс Корден, Џуди Денч, Џејсон Деруло, Идрис Елба, Џенифер Хадсон, Ијан Мекелен, Тејлор Свифт, Ребел Вилсон, како и Франческа Хејворд, главната балерина на Кралскиот балет, на која ова ѝ е прв настап на филм. Филмот е базиран на делото „Книгата на стариот мачор за секојдневните мачки“ на Т.С. Елиот и театарскиот мјузикл на Ендру Лојд Вебер.

Во ова филмско остварување во режија на Том Хупер, публиката ќе има можност да ужива во незаборавната музика на Лојд Вебер и во изведбата на светски познати танчари предводени од кореографот награден со Тони, Енди Бленкенбауер. Овој филм ќе го приближи мјузиклот до новите генерации со специфичните сценографии, технологијата и танцовите стилови што се движат од класичен и современ балет, преку хип-хоп и џез, до уличен танц.

Филмот „Мачки“ при крaјот на декември почна да се прикажува во кината во САД, а до крајот на јануари ќе може да го види и публиката во Европа и Азија.