Култната македонска драма повторно актуелна: „Диво месо“ на Горан Стефановски на белградската театарска сцена

357
Од пробата на претставата „Диво месо“ во Београдско драмско позориште

За режисерот Јагош Марковиќ, Горан Стефановски е неверојатен. „Ова го напишал пред 40 години, а се чини како сега да е пишувано. Овој капитализам, таа нехуманост на големиот механизам кој ги јаде луѓето… Не ми е гајле за нас… Мислам на младите луѓе, на овие деца, како тие ќе…“, вели режисерот, кој за претставата „Диво месо“ која ќе има премиера на 24 април, ја направил и адаптацијата, сценографијата и изборот на музиката

Драмата „Диво месо“ на македонскиот драмски писател Горан Стефановски, која одамна ги надмина локалните граници, очигледно не губи од својата актуелност и по толку многу години откако е напишана (1979), па воопшто не зачудува фактот што и во денешно време режисерите во регионот решаваат ова култно дело да го постават на театарската сцена. Токму на Големата сцена „Оливера и Раде Марковиќ“ на Београдско драмско позориште, на 24 април премиерно ќе биде изведена претставата „Диво месо“ од Стефановски во режија на Јагош Марковиќ.

Во претставата ќе настапат Јово Максиќ, Сандра Бугарски, Лука Грбиќ, Марко Тодоровиќ, Александар Вучковиќ, Андријана Ѓорѓевиќ, Љубинка Клариќ, Вања Ненадиќ, Павле Пекиќ, Емир Чатовиќ, Милан Чучиловиќ и Јана Милосављевиќ. Костимограф е Марија Марковиќ Милојев, а за сценскиот говор задолжена е д-р Лилјана Мркиќ Поповиќ.

Како што е познато, Горан Стефановски (кој почина во Велика Британија во 2018 година) дејството на драмата го сметува во пресрет на Втората светска војна, а во фокусот на приказната е распадот на едно семејство, кое е условено од различните сфаќања на сите негови членови, додека идејата е да го сфатиме значењето на семејството, коренот, домот, татковината.

„Во претставата на Београдско драмско позориште е претставен семејниот раскол преку кој се прикажуваат различните погледи на свет, традиционалниот и моралниот, канцерогеното неразбирање и исклучивоста, како и околностите што ја обликуваат не само фашистичката идеологија, туку и широко распространетиот и прифатен мејнстрим неолиберален концепт кој одамна го воведе соверемниот  данок во крв на новата доба“, пренесува Блиц. Во преплетувањето на актерските преиспитувања, пак, се претставува длабока и слоевита сценска приказна за семејството: судбината на три синови, снаата, сакатиот татко, животот на лудата мајка, на оние кои ги опкружуваат, вклучително и на странскиот работодавач, кој во име на некаков напредок и за наводно нивно добро, ќе им ја сруши и куќата…

Инаку, претставата ја имаше својата праизведба во 1979 година во Скопје, а оттогаш имаше неколку продукции на сцените на поранешна Југославија, односно денешниот регион, разни театарски критичари и театролози ја нарекоа драма на векот.

Горан Стефановски

„Првите две децении на 21 век даваат нова перспектива на гледање на оваа драма. Неолибералната идеологија пристигна во нашиот разурнат, дезориентиран и крвав дом (ако домот го доживуваме како просторот во кој живееме). Таа пристигна да, во соработка со владеачката номенклатура, со безусловен диктат за материјален вишок на благосостојба – во чие име треба да се урне секој систем на вредности, а во чиј бит е среќата, и со тоа што е сè подалеку од обичниот човек –  нè направи приврзаници на сè и сешто, дури и чудовишта, ако е потребно. И кога е во човекот, во нас, тогаш е и во општеството. Па, кој може, ќе успее да одолее…“, ќе посочи Татјана Њежиќ.

За режисерот Јагош Марковиќ, пак, Горан Стефановски е неверојатен. „Ова го напишал пред 40 години, а се чини како сега да е пишувано. Овој капитализам, таа нехуманост на големиот механизам кој ги јаде луѓето… Не ми е гајле за нас… Мислам на младите луѓе, на овие деца, како тие ќе…“, дополнува режисерот, кој за претставата ја направил и адаптацијата, сценографијата и изборот на музиката.

Запрашан за идејата и мотивот со кои тргнал да ја подготвува претставата Марковиќ вели: „Со желба во претставата да се долови, а текстот го нуди тоа и не само тоа, овој крај на постојниот свет, апокалипсата на сè што е човечко и неизбежното доаѓање на тоа нешто што мора да дојде… тоа новото… Но почекајте, прво сè ќе се руши, а еве тука е, се руши сè од ден во ден…“. И додава: „Многу работи во оваа драма инспирираат, интригираат, многу… не може да се каже во неколку реченици, можеби да се каже во добар концепт, но добар концепт не е претстава. Претставата е многу повеќе од тоа… го знае тоа публиката многу добро“.

И секако, актуелноста на оваа култна драма на еден од најистакнатите македонски автори се огледува и во моќните реплики на ликовите Димитрија и Марија. Димитрија: „Ќе има војна“, Марија: „Доста беше и ваков мир”. (Н.И.Т.)