Крапот да се пласира како преспански бренд

55

Рибарите од Општина Пустец, каде што живеат над 5 илјади жители Македонци, бараат да се пласира крапот како преспански бренд.

– Во Општина Пустец, каде што на брегот на Преспанското Езеро се распослани девет села, со над 5 илјади жители Македонци, главен извор на егзистенција за дел од нив е риболовот, особено ловот на познатиот преспански крап. Во Општината има 50-мина лиценцирани рибари, кои секојдневно ловат риба во водите на Преспанското Езеро. Тука, секако, е и познатиот преспански крап. Нивното здружение бара да се пласира крапот како бренд на нивното езеро, бидејќи, според нив, трговците од различни места манипулираат со него – пренесува весникот „Македониум“.

Тие, исто така, во континуитет бараат постоење на двa пункта за складирање на уловената риба.

– Нашето здружение на рибари бара отворање на два пункта, еден во Пустец и еден во Туминец. Ние не можеме со сопствени средства да ги изградиме овие пунктови, па бараме поддршка од Општината – вели Тоди Јоно од селото Пустец.

Градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, информираше дека, по барање на риболовното друштво, побарал финансиска поддршка од Министерството за земјоделство за изградба на овие два пункта.

Идентично барање има и од Здружението на рибари од Поградец, кои, во најголем број случаи, ја чуваат и ја продаваат уловената риба сами, како ќе се снајдат.