Премиерот Димитар Ковачевски смета дека нема што да појаснува во врска со изјавата што ја даде неодамна од самитот на Советот на Европа во Рејкјавик оти „дискурсот што се користи од страна на Бугарија кон Македонија е многу сличен на дискурсот што го користи Руската Федерација кон Украина“. Тој денеска повтори дека внесувањето на Бугарите од Македонија во Уставот е дел од преговарачката рамка.

– Променета на преамбулата и внесувањето на 3.500 наши сограѓани кои се самоопределуваат како Бугари е дел од преговарачката рамка во која обезбедивме заштитен македонски јазик и идентитет и со која практично ги започнавме преговорите со ЕУ. Ова е една од обврските што ќе ги направи нашето Собрание, потоа ќе продолжиме со отворање на поглавјата и кластерите и до 2030 година Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ – изјави Ковачевски.

Во врска со изјавата дадена на самитот на Советот на Европа, премиерот напомена дека нема што понатаму да појаснува и не сакаше да ги коментира информациите дека шефот на дипломатијата Бујар Османи потоа морал да ја објаснува пред бугарскиот колега.

– Што имав да кажам на самитот на Советот на Европа, го кажав пред 46 делегации на држави. Постои видеозапис од тоа. Немам што да појаснувам за таа изјава. Министерот за надворешни работи има состаноци со своите колеги на кои разговараат за дневните работи што ја окупираат дипломатијата. Мојата изјава ја има и интегрално, може да ја погледнете – истакна Ковачевски.

Некои медиуми информираа дека во Брисел, Османи се обидел да му објасни на својот бугарски колега Иван Кондов дека критиката на премиерот е упатена само кон некои политичари, а не генерално кон политиката на Бугарија.

– Се обиде да објасни дека говорот на премиерот де факто бил поврзан со конкретни политичари, а не, во принцип, со политиката на Бугарија. Јас го прашав зошто е посочена Бугарија во таква ситуација, а не конкретниот политичар кон кого се однесувало тоа – му возвратил Кондов на Османи.

Претходно, претседателот на бугарското Собрание, Росен Жељазков, истакна дека бугарскиот став и понатаму е дека Македонија треба што поскоро да стане членка на ЕУ, но со исполнети критериуми за членство, а не врз основа на политичка одлука. Тој нагласи дека за Бугарија е важен условот „поставен од Европската комисија“ за уставни измени за вклучување Бугарите во македонскиот Устав.

– Ова е апсолутен предуслов за почеток на преговорите. Ова не е наше билатерално прашање, тоа е услов кој е поставен и евидентиран во условите за почеток на преговорите и го следи Европската комисија – изјавил вчера Жељазков за БГНЕС на крајот од својата посета на Рим, каде што престојуваше по повод празникот на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј.

На средбите со претставниците на властите на Италија и на Ватикан, тој го повторил ставот на Софија дека Македонија не треба да губи време, туку треба да ги исполни условите за да стане полноправна членка на Европската Унија.

– Сметаме дека ќе ги исполнат условите за членство и не треба да губат време, бидејќи најлошо е да се губи време, кое ќе се претвори во скептицизам. На Македонците им требаат брзи одлучни акти и решителни одлуки, без да ја бараат причината надвор. Многу е важно причините, намерите и успесите да бидат нивни – истакнал Жељазков.

Тој им пренел на соговорниците оти Бугарија не поставува услови и не го попречува процесот на приклучување на земјава во Унијата.

– Условите ги постави Европската комисија и за нас е важно тие да бидат исполнети, бидејќи се поврзани со правата на Бугарите во Република Северна Македонија – додал првиот човек на бугарското Собрание, Жељазков.

Но, процесот на уставните измени е блокиран поради противењето на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, која се повикува на волјата на народот. Историчарот Бранислав Светозаревиќ, вчера, во Пустец, се обиде да им објасни на бугарските новинари дека мнозинството Македонци се против внесувањето на Бугарите од Македонија во Уставот зашто Софија не ги признава Македонците во Бугарија.

– Во 21 век, Бугарите не признаваат цел народ. 300.000 Maкедонци не се во бугарскиот Устав. Дали ви е познато дека во пописот од 1956 година во Бугарија имало 180.000 Македонци во Пиринска Македонија? Дали во вашите учебници се учи некаде дека постои македонски народ – ги праша професорот бугарските медиуми.

(И.С.)