Куќата на Хитлер станува училиште: Во него ќе се учи за човекови права

64
Фото: screenshot Youtube Vic Stefanu - Amazing World Videos

Родната куќа на Адолф Хитлер во австрискиот град Браунау на Инa ќе биде полициска станица и образовен центар каде што идните австриски полицајци ќе бидат подучувани на темата на човековите права, објавија денеска австриските и германските медиуми.

„Уривање или музеј не доаѓа предвид. Полициска станица и едукативен центар за полициски службеници е соодветна намена која ја задоволува моралната, политичката и правната димензија на ова место“, вели историчарот Оливер Ратколб од експертската комисија која се занимаваше со прашањето за намената на зградата во која во 1889 година бил роден идниот германски диктатор Адолф Хитлер.

Адолф Хитлер живеел тука со семејството само неколку месеци по неговото раѓање. Зградата во центарот на Браунау на Ин, која се наоѓа веднаш на границата со Германија, е во сопственост на државата од 2017 година.

Куќата и била одземена на претходната сопственичка по неколку неуспешни обиди да се купи зградата. Национализацијата на зградата, како што тогаш се најавуваше, треба да спречи и зградата да стане собиралиште на неонацистите.

Со години во зградата беше сместен социјален центар за лица со посебни потреби. Поранешниот сопственик на крајот од судскиот процес се задоволил со откупната цена од 1,5 милиони евра.

Реновирањето на објектот и неговата преобразба во полициска станица треба да започне оваа есен и да заврши во 2025 година. Се проценува дека пренамената ќе чини 20 милиони евра. Комисијата го образложи драстичното зголемување на цената од првично проценетите пет милиони до поскапувањето на градежништвото по пандемијата како и дополнителните градежни интервенции што ги бара полициската станица.