Ковид-19 ја стави Македонија пред вратата на високо задолжени земји

336

Македонскиот јавен долг на средината на годинава стигна до психолошката граница од 60 проценти од бруто домашниот производ.

Според Министерството за финансии, во вториот квартал од годинава јавниот долг се искачил до 59,5 проценти од БДП. Или, вкупно над 6,5 милијарди евра должат државата, јавните претпријатија и трговските друштва кои се во нејзина целосна или доминантна сопственост, потоа општините, општините во градот Скопје, градот Скопје и на Народната банка, кои го создаваат јавниот долг. Од нив 4,4 милијарди треба да им се вратат на странски кредитори, а останатите 2,1 милијарда на домашни.
Само државниот долг во истиот период изнесува 50,7 проценти од БДП.
Според графикот што го објави независниот економски институт Фајнанс тинк, во вториот квартал од годинава јавниот долг е малку поголем и изнесува 59,6 проценти од БДП и тој е најголем од 2003 година наваму. Во 2003 година јавниот долг бил малку понизок од 40 проценти од БДП, а најмал бил во 2008 година кога се спуштил под 25 проценти. Оттогаш па наваму е во нагорен тренд, а половина од БДП достигнува годинава.

Оваа година е особено критична по прашањето на долгувањето, зашто ковид-кризата бара поголеми трошоци, а исто така достасуваат за отплата големи суми кон странство, вклучувајќи и еврообврзница.

-Обезбедените средства за време на ковид-19 од близу една милијарда евра се доволни да го финансираат предвидениот буџетски дефицит во 2020 година и отплатата на еврообврзницата од 270 милиони евра во декември 2020, но продолжените економски ефекти од пандемијата и обврзницата која достасува во јули 2021 година во вредност од половина милијарда евра ги зголемуваат потребите за финансирање и притисокот врз јавниот долг, анализира Фајнанс тинк.

Според критериумите на Светска банка, нашата држава која сè уште должи помалку од 60 проценти од БДП е умерено задолжена земја, но е на чекор до преминување во групата на високо задолжени. Според класификациите на Светската банка земјите со јавен долг од 40 отсто од БДП се сметаат за ниско задолжени, оние со долг од 40 до 60 проценти од БДП се умерено задолжени, а оние со долг над 60 отсто од БДП се во категоријата на високо задолжени земји. Но, со оглед на тоа што нашата држава е една од најнеразвиените во Европа и Светска банка и ММФ во повеќе наврати досега посочуваа дека овие критериуми за земји како нашата не треба да се земаат здраво за готово, зашто долгот доближен до психолошката граница од 60 проценти тешко се враќа. Затоа, во 2015 година ММФ ни препорача долгот да го држиме на околу 50 проценти од БДП.

Ребалансот на буџетот направен за финансирање на четвртиот пакет антикризни мерки кој сега е пред пратениците е со досега најголем дефицит од 8,4 проценти и тоа во услови кога се прогнозира годишен пад на економијата од 4,4 проценти. Тие потреби треба да се исфинансираат, а според министерот за финансии Фатмир Бесими нема да има ново надворешно задолжување, туку само користење домашни извори како буџетските депозити и пласирање државни хартии од вредност.
-Буџетот ќе се финансира на стабилна основа и сите обврски ќе се финансираат стабилно кон сите. За сè што е потребно се обезбедени извори на средства, рече министерот.

За јавниот долг вели дека може да се искачи над психолошката граница, но и не мора.
-Јавниот долг може да дојде до 60,5 проценти, но зависи од текот на реализацијата на голем дел од програмите кои се со кредити од надвор и реализацијата на Буџетот. Не можам да кажам колку точно ќе биде, но проекцијата е дека новото задолжување може да има до еден процентен поен импакт врз јавниот долг. Значи јавниот долг може, но не мора да ја надмине психолошката граница од 60 проценти. Овој износ е на нивото на фискална финансиска одржливост. Стопанството и граѓаните треба да бидат мирни дека Буџетот има доволно позиции и соодветно да се финансира без притоа да се загрози финансиската и фискалната стабилност на земјата, вели Бесими.

Додава дека ќе мораме да ги враќаме долговите кои сега ги правиме, а според него тоа ќе може да го направиме ако на среден рок имаме добро поставена финансиска фискална стратегија.

(С.В.)