И по штрајкот и протестот, утре се полага првиот екстерен испит од државната матура

127

Државната матура, која претставува завршен дел на средното образование, има цел селекција на кандидатите за запишување во високото образование и опфаќа задолжителен, изборен дел и проектна задача. Утре (27 мај), во јавните средни училишта во нашата држава ќе се одржи првиот екстерен испит од државната матура во рамки на јунската испитна сесија, а матурантите ќе полагаат мајчин јазик, односно македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература. За државна матура во јунскиот испитен рок годинава се пријавени 15.620 матуранти. Сепак, одржувањето на првиот екстерен испит беше неизвесно само до пред две недели поради штрајкот на вработените во Државниот испитен центар

Утре (27 мај), во јавните средни училишта во нашата држава ќе се одржи првиот екстерен испит од државната матура во рамки на јунската испитна сесија, а матурантите ќе полагаат мајчин јазик, односно македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература. За државна матура во јунскиот испитен рок годинава се пријавени 15.620 матуранти.

Сепак, одржувањето на првиот екстерен испит беше неизвесно само до пред две недели поради штрајкот на вработените во Државниот испитен центар, кои се задолжени за организирање на државната матура, а кој траеше од 25 април до 12 мај.

Синдикалната организација на Државниот испитен центар (СОДИЦ-СФДМ) штрајкуваше три недели со барање за поголеми плати за 29-темина вработени и согласност за нивниот колективен договор. Тие апелираа и до Министерството за финансии да даде согласност за веќе потпишаните измени на колективниот договор со кои вработените би добивале достоинствени плати и посочија дека 11-мина од вкупно 29-мина вработени на различни позиции се изедначени и имаат минимална плата од 20.000 денари.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири тогаш им порача на вработените и на директорката на ДИЦ да почекаат да се реши општиот колективен договор. Тој притоа потенцираше и дека, како институција, имаат правна одговорност и да не ја користат ситуацијата кога треба средношколците да полагаат државна матура.

Беше дециден дека полагањето ќе почне во закажаниот термин, а ја најави и можноста да вклучи вработени од МОН во подготовката на државната матура.

– Мојот конечен став е дека државната матура ќе се полага на 27., како што е предвидено според рокот. Ако е потребно, ќе доставиме и кадар од Министерството за да може да ги завршиме работните задачи. Тоа не е само барање на министерот туку и на средношколците – рече Шаќири.

На 12 мај, Синдикатот на Државниот испитен центар, со пишано соопштение и пораки до матурантите и до министерот за образование и наука, го стави штрајкот во мирување.

– Насилните мерки и притисоци на министерот Шаќири со обид да внесе надворешни лица во процесот на државната матура, процес кој е со висок степен на тајност, ќе ги доведе во прашање валидноста на тестирањето и резултатите од матурата. Вработените во Државниот испитен центар, како експерти во областа и лица со висок интегритет и чувство за општествена одговорност, одлучија да ја одложат борбата за своите права за достоинствен живот во корист на вашата иднина – посочија од ДИЦ.

Во пораката до министерот за образование и наука Јетон Шаќири, тие воедно подвлекоа и дека сите негови досегашни обиди за решенија на проблемот, а со тоа и ветувањата што им ги дале на матурантите во медиумите, се спротивни на одредбите на Правилникот за процедури за тајноста на подготовката, печатењето, дистрибуцијата, чувањето и оценувањето на испитниот материјал, донесен од министер за образование и наука од 31.3.2014 година.

– Со вашиот обид да реализирате матура без вклученост на вработените на ДИЦ, вие ќе бевте тој што ќе ги оштетеше матурантите! – му порачаа од Синдикатот на Државниот испитен центар на министерот Шаќири.

Инаку, државната матура, која претставува завршен дел на средното образование, има цел селекција на кандидатите за запишување во високото образование и опфаќа задолжителен, изборен дел и проектна задача. Согласно со календарот за организација на учебната 2022/2023 година во јавните средни училишта, вториот екстерен испит во јунската испитна сесија ќе се реализира на 10 јуни. Тој е изборен и матурантите имаа можност да избираат меѓу седум предмети: математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика.

Термините, пак, за августовска испитна сесија се на 9 август за македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература; и на 11 август за математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика.

Да потсетиме, годинава дополнително е олеснето полагањето државна матура, бидејќи во март дел од средношколците, организирани преку Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС), на протест пред МОН побараа кратење на материјалот што е предвиден за полагање државна матура поради она што го поминала нивната генерација во изминативе четири години. По протестот и по средбите на Сојузот на средношколците со МОН, поголемиот дел од барањата на матурантите беа прифатени.